
Во Ликовниот салон во Велес вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски“. Пред велешката публика ќе бидат изложени 82 илустрации за македонските бајки кои Кондовски ги изработил за издавачката куќа “Детска радост“. Автори на изложбата се Јасминка Намичева и Филип Кондовски, а се организира во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје, во рамките на програмата за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под раководство на Намичева.
Димитар Кондовски (1927–1993) е еден од клучните автори во современото македонско сликарство: сликар, илустратор, сценограф и професор, со опус што маестрално ја вкрстува модерната стилизација со средновековно-византиската традиција, орнамент и симбол.
– Во својата уметничка продукција за детска и младинска литература, Кондовски вградил огромно илустраторско искуство, зад кое биле отпечатени импозантен број на илустрирани детски книги – велат организаторите.
Сепак, исклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982-1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни, со особен интерес кон приказните од Марко Цепенков, од кои произлегуваат двете најволшебно илустрирани едиции на детски сликовници-Македонските бајки (1986) и Македонски народни приказни (1992) во печат на редакцијата „Детска радост“ од Скопје.

Македонски



