Skip to main content

Јанев: Кога полицијата стои цврсто, државата стои исправено

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев на централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција истакна дека денеска не одбележуваат само професија, туку ја потврдуваат нивната должност да се служи кон граѓаните, државата и довербата која им ја даваат.

Во своето обраќање тој посочи дека ова е професија што бара одлуки тогаш кога е најтешко, професија што значи служба секој ден со чест, одговорност и без компромис. Додаде и дека живееме во време на сложени и безбедносни предизвици.

-Криминалот е технолошки напреден, адаптивен и агресивен. Се обидува да навлезе во сите сегменти на самиот систем, да ја поткопа довербата и да ја ослаби силата на институциите. Нашата порака е јасна: државата е посилна. Водиме одлучна, системска и безкомпромисна борба против криминалните групи во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, врски, нивната логистика и нивниот капитал. Никој не е над законот, потенцираше директорот на БЈБ.

Јанев нагласи дека силна полиција се гради со визија, а тие како институција градат полиција што ќе предивидува ситуации, инвестираат во модернизација, воведување нови алатки и современи системи и технологии.

-Најсилното оружје на полицијата е обучениот, стабилен, чесен и професионален полициски службеник. Технологијата помага, опремата поддржува, но човекот е тој што ја носи одлуката, ја превзема одговорноста ја брани довербата, посочи Јанев.

Како што рече, македонската полиција е позиционирана рамо до рамо со светските полиции и придонесува за стабилност не само на регионот, туку и пошироко.

-Нашата служба е силна мисија, мисија да служиме, обезбедиме, заштитиме. Да има ред, правда и одговорност. Кога полицијата стои цврсто, државата стои исправено, потенцираше директорот на Бирото за јавна безбедност.

Поврзани вести