
Со жалење можам да констатирам дека за првпат во плурализмот од ’91-ва година наваму, како никогаш досега, граѓаните за толку кратко време не посакуваат нови политики,“ изјави потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членови на партијата во Струга.
Филипче оцени дека за неполна година, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја довела државата во состојба на целосна негрижа и неспособност:
„Ваков дебакл на власта, вакви неуспешни политики, ваква негрижа за иднината на земјата и граѓаните, Македонија едноставно не памети. Сè што можеме да видиме од оваа власт е само една пропаганда и еден ПР со којшто сакаат своите неуспешни политики да ги прикажат како успех. Меѓутоа, нашиот народ е мудар и тоа многу добро знае да го препознае,“ рече Филипче.
Тој посочи дека Владата не направила ништо за подобрување на животниот стандард на граѓаните:
„Не направи ништо да вложи во раст на платите на граѓаните. Кога можеше нашата влада, и во економска, и во ковид, и во енергетска криза да обезбеди раст на минималната и просечната плата, сега – кога кризи нема – оваа влада не прави ништо.“ -рече тој.
Филипче предупреди и за целосна пасивност во справувањето со ценовниот шок:
„Цените во маркетите дивеат, а тоа е благодарение на тоа што владата шурува и договара со големите газди на компаниите. И точно е – ги интересира само нивниот личен профит. Се фали премиерот – не знаеме дали да плачеме или да се смееме – дека сме биле четврта економија во Европа. Прикажува бројки кои не се точни“ – истакна Филипче.
Филипче остро ја критикуваше и непродуктивната задолженост на Владата:
„Како никогаш досега, кумулативно сме се задолжиле осум милијарди евра. Тоа е безобразно, крајно недомаќинско работење на владата и уште еден доказ дека не ги интересира ништо, освен однапред договорениот профит со компаниите што работат преку заобиколување на законот за јавни набавки. Имаме крајно недомаќинска и неодговорна власт,“ заклучи Филипче.