Skip to main content

Драмски театар со претставата „Кармен“ вечерва учествува на фестивал во Романија

Драмски татар / Билјана Драгиќевиќ Пројковска

Претставата „Кармен“ вечерва се игра во официјалната програма на 14. Меѓународен фестивал за изведувачки уметности БАБЕЛ, кој се одржува во градот Т’рговиште во Романија. Фестивалот е основан во 2007 година од Театарот „Тони Буландра“ со идеја да создаде простор за средба на различни култури, театарска естетика и современа сценска практика.

Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Гостувањето во Романија ќе биде 51. изведба по премиерата што претставата ја имаше во мај 2021 година.

Она што БАБЕЛ го издвојува од другите фестивали е неговата програма во која се вклучени: драмски претстави, современ танц, уличен театар, циркуски претстави и перформанси, музички настани, работилници и мастер-класови, изложби и мултимедијални проекти. Целиот град Т’рговиште за време на фестивалот се претвора во голема сцена со настани во театри, на плоштади, на историски локалитети и во алтернативни простори, велат организаторите.

Името БАБЕЛ се поврзува со библиската Вавилонска кула и симболизира дијалог меѓу различни јазици, култури и уметнички изрази. Главната мисија на фестивалот е преку сценските уметности да создаде меѓукултурна комуникација и размена на идеи.

На фестивалот учествуваат ансамбли и уметници од Европа и од Азија. Тоа се театарски куќи од Полска, Грузија, Португалија, Франција, Чешка, Јужна Кореја и од други земји. Фестивалот е член и партнер на европски фестивалски мрежи, препознат од Европската асоцијација на фестивали.
За меѓународната соработка на Драмскиот театар ваквите гостувања се од особена важност поради можноста да се видат современите сценски форми и различната театарска естетика на другите театарски куќи, да се реализираат средби и да се воспостави соработка со меѓународната мрежа на директори на театри, фестивали и селектори.