Македонскиот претставник во Европскиот куп, тимот на Алкалоид го очекува двомеч со Вест Виена. Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, верува во успех и пласман во осминафиналето од третото по квалитет европско ракометно натпреварување.
– Ни доаѓа противник кој во тимот има многу младински репрезентативци на Австрија. Се работи за добра екипа, технички доста поткована, во секој момент знаат што сакаат. Многу трчаат, играат сличен ракомет со нас, па се надевам дека гледачите ќе имаат можност да проследат два динамични, квалитетни натпревари во рок од 48 часа. Ние ќе се обидеме да одиграме квалитетно. Како и за секој противник, така и за овој, се подготвуваме максимално сериозно и очекувам две победи. Апел до публиката во што поголем број да дојде во Автокоманда и да даде поддршка на нашите ракометари кои ја заслужуваат, особено на европски натпревар, изјави Лазаров.
Во победа верува и десниот бек на тимот од Автокоманда, Мартин Серафимов кој сезонава игра во извонредна форма.
-Подготвени ги дочекуваме средбите со Вест Виена. Ќе ги исполниме обврските кои ни се дадени од тренерот, го прифаќаме предизвикот и верувам дека ќе победиме и ќе се пласираме во следната рунда, нагласи Серафимов.
Двата натпревара ќе се играат во салата во „Автокоманда“, првиот утревечер со почеток во 19 часот на кој официјален домаќин е Алкалоид. Вториот е в сабота, исто така од 19 часот, како домаќин ќе се води австрискиот тим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.