Skip to main content

Данска ја отпиша Шпанија од трката за полуфиналето на ЕП, фантастични 14 одбрани на Нилсен

 Кодомаќинот на Европското ракометно првенство Данска ја забележа втората победа во втората фаза во рамки на групата 1, откако пред 15.000 гледачи во Хернинг ја совлада Шпанија со 36-31 (16-14).

Данска со триумфот ѝ се приклучи на Франција на врвот на табелата со четири бодови, колку што има и Германија со натпревар помалку, додека Шпанија остана последна без бод и без шанси за пласман во полуфиналето.

Данска имаше резултатска контрола во првиот дел и на два пати водеше со највисоки плус четири голови разлика, но Шпанците до паузата успеаја да ја преполоват негативата.

Шпанија на почетокот на второто полувреме дојде и до израмнување на резултатот (17-17), но Данците инспирирани од фантастичниот голман Емил Нилсен возвратија со серија од 7-1 и стекнаа недостижна предност.

Нилсен запиша 14 одбрани на голот на Данска во чиј редови Емил Јакобсен беше најефикасен со осум голови.

Второто коло од главната фаза во групата 1 ќе биде комплетирано вечерва со пресметката меѓу Германија и Норвешка. 

Поврзани вести