Skip to main content

Скандал пред ЗОИ: Ски-скокачите манипулираат со своите гениталии за подобри резултати?

Само неколку недели пред почетокот на Зимските олимписки игри во Милано–Кортина, светот на зимските спортови е потресен од необична и контроверзна афера во скијачките скокови, која предизвика реакции од неверување до сериозна загриженост за интегритетот на натпреварувањето.

Британскиот „Дејли мејл“ објави дека дел од елитните скокачи наводно користеле козметички медицински интервенции со цел да стекнат неправедна предност при официјалните мерења на опремата. Според овие наводи, се работи за привремени интервенции со кои се влијаело врз телесните димензии што се регистрираат при задолжителните 3Д-скенирања, процес што директно го одредува дозволениот размер на натпреварувачкото одело. Скандалот во спортските кругови веќе неофицијално е наречен „пенисгејт“.

Во скијачките скокови, димензиите на телото имаат клучно значење, бидејќи од нив зависи големината на оделото, а тоа пак директно влијае на аеродинамиката и должината на летот. Иако правилата се строги, според медиумските извештаи постојат сомнежи дека поединци се обидуваат да ги искористат слабостите во системот.

Сомневањата за манипулации со опремата не се нови. Во минатото веќе имаше обвинувања за користење влошки, дополнителни материјали и модификации на шевовите, но овој случај предизвика дополнително внимание бидејќи, наводно, станува збор за интервенции врз самото тело на спортистите.

Меѓународната скијачка федерација (ФИС) потврди дека започнала детална ревизија на постојните протоколи за мерење. Се разгледуваат можности за воведување попрецизни методи, вклучително и користење на фиксни скелетни референтни точки и дополнителни рачни контроли, со цел да се спречат какви било злоупотреби.

„Работиме на заострување на правилата. Станува збор за комплексен проблем кој бара темелен и внимателен пристап“, соопштија од ФИС.

Дел од скијачите остро ги отфрлаат обвинувањата. Меѓу нив е и норвешката ѕвезда Халвор Егнер Гранеруд, кој изјави дека тврдењата се неосновани и дека сите негови медицински и технички проверки биле спроведени под стручен надзор и во согласност со правилата.

Во пресрет на Олимписките игри се очекува контролите дополнително да се заострат, додека останува отворено прашањето дали ќе има официјални обвиненија или санкции. Во меѓувреме, случајот веќе е вброен меѓу најнеобичните контроверзии во историјата на зимските спортови.