
Македонската одбојкарска репрезентација од попладнево е во Атина, а утре го игра квалификацискиот дуел за Европското првенство против Грција. „Црвено-жолтите“ на последните два дуела со Грција во Атина и со Грузија во Скопје ќе бркаат резултати за ново учество на Европско првенство.
На утрешниот натпревар нашиот противник е фаворит, според квалитетот, но и од причина дека имаат три победи на последните три натпревари.
– Дуелот со Грција е еден од најважните натпревари за нас летово. Ја темпиравме формата, одигравме квалитетни пријателски дуели кои ни покажаа што е добро во нашата игра, а што треба да поправиме и работевме на тоа деновиве. Резултатите од останатите групи се во наша полза и сега е се во наши раце. Потребен ни е минимум сет против Грција и мислам дека нема да го бараме минимумот, туку ќе одиме на максимум и зошто да не приредиме изненадување во Атина. Големо е значењето на овој натпревар – пласман на ЕП и сите сме свесни за тоа. Мотивација и инспирација не ни недостасуваат, желбата е голема и може да очекуваме добра игра, па зошто да не и победа, изјави средниот блокер Филип Савовски.
Натпреварот со Грција го играме утре со почеток во 19 часот.