
Задоволство од надминување на повеќедецениските поделби во македонското пливање со денешниот едногласен избор на Сашо Лазаревски за нов претседател на Националната пливачка федерација, изрази министерот за спорт Борко Ристовски и најави подобри денови за овој спорт.
По повеќедецениски поделби во македонското пливање, денеска можеме со гордост да кажеме дека конечно имаме обединување во интерес на спортот. На ова Собрание на Националната пливачка федерација, двете поделени страни застанаа зад изборот на претседателот на федерацијата кој доби едногласна поддршка од сите клубови учесници на Собранието“, истакна Ристовски во обраќањето на изборното Собрание на Националната пливачка федерација во Скопје.
Ристоски изрази задоволство од обединувањето на македонското пливање и најави дека Министерството за спорт ќе посредува и директно ќе помага во решавање на проблемите кои со години го обременуваат овој спорт.
Сакам да ги поздравам сите што ја прифатија мојата иницијатива за обединување во пливањето и да го повторам тоа што го кажав на состаноците со претставниците од двете страни. А, тоа е дека по изборот на новиот претседател на Национална пливачка федерација, Министерството за спорт ќе посредува и директно ќе помага во решавање на проблемите што беа натрупани во овој спорт и дека во најбрз можен рок сметката на федерацијата ќе биде одблокирана. Не смееме да дозволиме поделбите да одат на штета на пливањето, на пливачите и на сите деца што се занимаваат со овој спорт, рече министерот Ристовски.