
Одбојкарките на скопски Фит Фан Волеј без победа го завршија својот дебитантски настап во БВА Балканскиот клупски куп, откако вечерва во Гњилане загубија во завршното трето коло од црногорски Херцег Нови со 3-0 (25-16, 25-9, 25-12).
Најефикасна во редовите на македонскиот тим беше капитенката Јакимовска со седум поени.
Претходно, Фит Фан Волеј во второто коло беше поразена од домаќинот со 3-0, а во воведното коло претрпе пораз без освоен сет од грчки АЕК.
Младиот состав на Фит Фан Волеј сезонава беше единствениот македонски претставник во Балканскиот клупски куп, во кој и покрај трите порази, натпреварите против силните противници ги искористи за стекнување искуство и подготовка за почетокот на домашното првенство кое ќе стартува овој викенд.