
Учеството во Европската лига 2026 најдобрите македонски одбојкари ќе го стартуваат на домашен терен. Тие на првиот турнир се организатори, а натпреварите ќе се играат од 5-7.јуни 2026 година.
Македонските одбојкари имаат континуитет во ова елитно континентално натпреварување од 2014 година, кое од ова издание добива и на ново значење, односно со него стартуваат и квалификациите за Европското првенство во 2028 година.
Поради тоа во иднина ќе има само една Европска лига (нема поделба на Златна и Сребрена) и 27-те европски селекции (кои не играат во ФИВБ Лигата на нации) ќе „бркаат“ билет за ЕвроВолеј 2028 преку ова натпреварување. Правилото вели дека доколку една репрезентација учествува во Европската лига 2026, тоа значи дека треба да настапи и во изданието во 2027, во спротивно ќе подлежи на санкции од ЦЕВ.
Останува турнирскиот систем на натпреварување, односно се игра низ три викенди во јуни 2026. Според распоредот првиот ден 5 јуни нашата репрезентација игра со Холандија, следниот ден сме слободни, додека на 7 јуни ќе се соочиме со Луксембург.
Вториот турнир (12-14 јуни) го играме во Грција, каде покрај домаќинот за противник го имаме и Исланд. Натпреварите ги играме на 13 јуни со Исланд и на 14 јуни со Грција.
Третиот турнир (19-21 јуни) одбојкарите патуваат на Косово. Првиот натпревар го играме на 19 јуни со организаторот, додека ден подоцна ќе ги измериме силите со Израел.
Новитет е дека наместо финален викенд, од ова издание ќе се игра Ф6 турнир, предвиден за периодот од 1 до 5 јули 2026 година, а организаторот ќе биде дополнително познат. Доколку организаторот е рангиран меѓу првите шест екипи, тогаш и шестопласираниот игра на завршницата. Ако домаќинот на Ф6 не е меѓу најдобропласираните, тогаш топ-пет екипите и домаќинот играат на турнирот.
Со оглед на тоа дека репрезентациите кои ќе се пласираат на првите четири позиции обезбедуваат и директен пласман на ЕвроВолеј 2028 година, ЦЕВ има дефинирано и одредени правила.

Македонски







