
Македонската женска одбојкарска репрезентација денес ги дозна противниците во Европската лига 2026. Ривали на македонските одбојкарки ќе бидат селекциите на Португалија и Унгарија.
Изданието на Евро-лигата 2026 добива и нова тежина, односно ќе биде дел од квалификацискиот процес за Европското првенство 2028, a натпреварувачкиот систем не претрпе некои посериозни промени. Новитет е дека нема веќе поделба на Златна и Сребрена, туку има една единствена Европска лига, во која ќе се натпреваруваат селекциите кои не настапуваат во ФИВБ Лигата на нации. Правилото вели дека доколку една репрезентација учествува во Европската лига 2026, тоа значи дека треба да настапи и во изданието во 2027, во спротивно ќе подлежи на санкции од ЦЕВ.
Новиот систем стартува со прелиминарна рунда во која, според позициите на последниот ЦЕВ ранкинг, репрезентациите на Данска, Луксембург, Албанија и Литванија, ќе играат еден турнир (29-31 мај 2026) за да ги дадат последните двајца патници во лига-фазата. Првите две селекции од овој турнир ќе играат во лига-фазата која ќе се игра низ три викенди во јуни 2026 година.
Македонската репрезентација натпреварувањето го започнува во Португалија, каде првиот викенд (5-7 јуни) ќе се соочи со Унгарија, на 6 јуни, односно ден подоцна игра со организаторот на првиот турнир, Португалија.

Македонски







