
Македонската машка кошаркарска репрезентација по повеќе од две недели интензивни подготовки вечерва во Скопје ја пречекува Ирска во натпревар од петтото коло од групата А во претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.
Македонија влегува во дуелот со максимален ефект од четири победи во исто толку натпревари, меѓу кои е и убедливиот триумф во Даблин (88:76), со кој беше потврдена лидерската позиција во групата.
Селекторот Жозеп Марија Берокал е задоволен од сработеното во подготвителниот период и од начинот на кој репрезентативците го прифатиле неговиот систем на работа.

„Од ден во ден тимот е подобар, мораш да работиш за да се подобруваш. Тимот расте и покрај потребата често да менуваме. Го немавме истиот ростер, некој доаѓаше, некој одеше, се менуваа Американците. Но, во последната седмица имав 15 играчи за работа, на кои сметам за натпреварот против Ирска и сакав да бидат добро подготвени. Среќен сум од она што го гледам од екипата. Играчите сакаат да играат, имаат желба и се држат до тактиката. Сакаме да го завршиме овој прозорец со добри натпревари и резултати“, истакна Берокал.
Шпанскиот стратег потенцира дека концентрацијата и максималниот пристап ќе бидат неопходни против секој противник.
„Мора да бидеме на 100 проценти против секој ривал, затоа што ако не го дадеш најдоброто, тоа може да те казни. Мора да се фокусираме на работите кои можеме да ги контролираме. Ако не можеш да контролираш нешто, тогаш мораш да се вложиш и да го дадеш најдоброто од себе.“
Иако македонските кошаркари веќе еднаш ја совладаа Ирска во овој квалификациски циклус, Берокал предупредува дека денешниот противник има променет состав и заслужува максимална почит.
„Ирска е различен тим од претходниот прозорец, има доста промени, многу нови играчи. Тоа може да биде и ризик, затоа што ќе играат растоварено, без притисок и ќе преземат ризик.“
Сепак, селекторот смета дека исходот најмногу ќе зависи од изданието на македонската репрезентација.
„Ние сме подготвени, сè е на нас. Мора да се покажеме во добро светло, да ја одиграме најдобрата кошарка и да бидеме близу до победата. Прво ја гледаме Ирска, а Луксембург од оваа гледна точка изгледа далеку“, порача Берокал.
Во последното коло од претквалификациската група избраниците на Берокал в недела гостуваат во Луксембург.

Македонски


