
Со максимален ефект од шест победи во исто толку натпревари, македонската кошаркарска репрезентација на убедлив начин ја заврши првата рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 и како првопласирана во групата „А“ обезбеди место во следната фаза од квалификацискиот циклус.
По комплетирањето на натпреварите од првата рунда, познати се четирите национални селекции кои директно изборија пласман во втората рунда од претквалификациите. Покрај македонскиот национален тим, таму се и репрезентациите на Словачка, Бугарија и Норвешка.
Останатите шест селекции кои настапуваа во првата рунда ќе имаат можност да го продолжат квалификацискиот пат преку третата рунда од претквалификациите, која ќе се игра по завршувањето на вториот круг.
Во втората рунда ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации, распределени во четири групи од по три селекции. На четирите победници од првата рунда ќе им се приклучат и осумте национални тимови кои квалификациите за Светскиот куп 2027 ќе ги завршат на четвртото место во своите групи.
Со завршувањето на квалификациите за Светскиот куп 2027, познат е и кругот на можни противници на Македонија за претстојното извлекување. Нашата репрезентација ќе може да се најде во група со Данска, Романија, Швајцарија, Велика Британија, Кипар, Белгија, Австрија и Чешка.
Репрезентации во втората рунда се: Македонија, Словачка, Бугарија, Норвешка, Данска, Романија,Швајцарија, Велика Британија, Кипар, Белгија, Австрија и Чешка.
Формирањето на четирите групи од втората рунда на претквалификациите за Евробаскетот 2029 ќе се одржи на 15 јули, по што ќе биде познат и распоредот на натпреварите во новата фаза од квалификацискиот циклус.

Македонски



