Skip to main content

Крива Паланка ќе игра во АБА 2 лигата

Кошаркарките на Крива Паланка, следната сезона ќе играат во регионалната АБА 2 лига.

Во осмата сезона од настапите во домашното женско кошаркарско првенство на клубот од Крива Паланка, раководството на паланчанки ја прифати поканата да биде дел од ова натпреварување на Балканот каде што минатата сезона се натпреваруваа тимови од Словенија, Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора и Србија.

– Предизвикот да се излезе на меѓународната сцена е голем, но од друга страна токму сега е моментот да се истапи чекор напред, со оглед на тоа што голем број од младите првотимки од сопствената школа на КК Крива Паланка се во развојна фаза како играчи, а дел од нив, поискусните, се во одличен моментум да заиграат на меѓународната сцена и да го прикажат искуството, но и со желба за докажување, да соберат ново искуство, изјави претседателот на Крива Паланка, Ведран Белешковски.

Тој посочи дека заедно со првиот тренер, предводникот на сениорките, Виктор Петровски, веќе работат на комплетирање на екипата што ќе ги брани клупските бои во сезоната што претстои, по урнек на оваа сезона кога беа лидери во речиси најголемиот дел од првенството во домашната Прва лига.

Во сезоната 2025/26 амбициите на КК Крива Паланка се и освојување на трофеите во домашните натпреварувања (куп и првенство). 

Поврзани вести