Кошаркарскиот клуб Пелистер преку соопштение изрази задоволство што Кошаркарската федерација (КФСМ) ја препознала добронамерноста на нивниот предлог и решиле да повлечат конкретни потези за решавање на големиот проблем со ладните сали во кои се играат кошаркарските натпревари во Македонија.
Сметаме дека овој проблем мораше да биде решен уште пред подолго време и нема време за чекање, па затоа ја информираме спортската јавност дека КК Пелистер нема намера да чека уште една недела за пропишаните пропозиции целосно да бидат испочитувани. Очекуваме на следниот натпревар на нашиот тим, дербито со МЗТ Скопје, да има барем минимална температура согласно пропозициите на КФСМ. Во спротивно, јасно ставаме до знаење дека КК Пелистер нема да го игра овој натпревар. Согласно правилата, ако температурата е под минималната би можела да се игра доколку има согласност од двата тима, но сметаме дека е време да се стави крај на овие „дупки“ во законот“ и ние однапред јасно кажуваме дека таква согласност нема да дадеме, децидни се од Пелистер.
Од клубот додаваат дека не сакаат победа надвор од терен над големиот ривал и нема да бараат службен триумф, а ако мечот не биде одигран утре како што е планирано, ќе инсистираат да се најде термин и место каде оние минимални услови за играње кошарка би биле задоволени за големото дерби од последните неколку сезони да биде играно како што доликува.
Исто така, апелираме до раководството на КФСМ кога веќе планира од следната седмица целосно применување на пропозициите за сите клубови во сите сали, онаа минимална температура да се крене согласно пропозициите на ФИБА, на 16 степени целзиусови. Сметаме дека сите се согласни, сегашната норма од 12 степени наведена во пропозициите на федерацијата не може да се смета за „нормален услов за играње на кошаркарски натпревар“, велат од битолскиот клуб.
Отаму потенцираат дека проблемот не се однесува само на температурата во салите туку и на останатите основни предуслови, кои ги потенцираа во претходните соопштенија.