
Македонскиот фудбалски прволигаш Пелистер го назначи вечерва Милан Стојановски за нов тренер, ден откако битолскиот клуб му врачи отказ на досегашниот шеф на стручниот штаб Димитар Капинковски.
Стојановски, како што е соопштено, потпиша договор до крајот на актуелната сезона, а на клупата на Пелистер ќе дебитира в недела против романски Рапид Букурешт во пријателски натпревар по повод 80 години од формирањето на битолскиот клуб.
По седум одиграни кола во ПМФЛ, фудбалерите на Пелистер се на 10 место на табелата со седум бодови.
Пред доаѓањето во Пелистер, 52-годишниот Стојановски ги предводеше српските екипи Раднички Пирот, Локомотива Белград, Телеоптик и ИМТ.
Стојановски во својата фудбалска кариера најголем белег остави со настапите во белградски Партизан, а за македонската репрезентација одигра 26 натпревари.