
Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ, во своето обраќање изнесе сериозни обвинувања за работењето на претходното раководство на Федерацијата, откривајќи, како што рече, шокантни финансиски и организациски состојби што ги затекнал по преземањето на функцијата.
Тој посочи дека во период од само еден месец – од ноември до декември 2024 година, непосредно пред новото раководство да стапи на должност – биле потрошени околу пет милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот.
„За само еден месец се потрошени околу пет милиони евра. Ние ја затекнавме таа состојба и не баравме изговори, туку веднаш почнавме да воведуваме ред. Само кај трошоците за хотели, чартер летови и авионски билети успеавме да намалиме над еден милион евра. Секој денар го следиме каде оди, бидејќи овие средства не се ничии приватни, туку припаѓаат на фудбалот“, изјави Омерагиќ.
Покрај финансиските нерегуларности, тој алармираше и за сериозни проблеми во евиденцијата на играчи, обвинувајќи дека во времето на претходниот претседател Муамед Сејдини постоел систем со фиктивни фудбалери.
Според него, последната пререгистрација спроведена од поранешното раководство евидентирала 44.996 фудбалери, додека по новата пререгистрација, бројката е сведена на 14.210.
„По 15 години, конечно се става крај на еден застарен и нефункционален систем и се воведува ред преку нов Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат. Разликата од речиси 30 илјади играчи не е мала грешка, туку системска манипулација. Со новите правила тоа завршува – нема повеќе клубови што постојат само на хартија, нема лажни записници и нема фиктивен систем“, потенцираше Омерагиќ.

Македонски


