
Македонија со рутински 3-0 го победи Лихтенштајн на почетокот на квалификациите за Светското фудбалско првенство 2026 година, во можеби еден од најтажните мечеви во историјата на македонскиот фудбал. Натпреварот доаѓа само пет дена по смртта на 59 наши сограѓани во кочанската дискотека.
Во натпревар со многу емоции, но без преголемо радување на головите, стрелци беа Александар Трајковски во 7-та, Висар Муслиу во 42-та и Бојан Миовски во 84-та минута. Избраниците на Благоја Милевски доминираа од почетокот на целиот натпревар, при што можеа да постигнат уште неколку голови.
На трибините во Вадуз имаше повеќе илјади македонски навивачи од околните земји и дијаспората. Кога почна да тече 59. минута од натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија, нашите навивачи почнаа да скандаираат „Кочани, Кочани…“ во чест на жртвите од пожарот.
Фудбалерите вечерва се враќаат за Скопје, а во вторник го пречекуваат Велс во вториот натпревар од квалификационата група за Мундијалот.