
Точно еден месец нѐ дели од првиот солистички, скопски концерт на регионалната музичка икона Сенидах, која на 14 февруари со себе ќе ни го донесе својот препознатлив уметнички потпис и емоција што не познава граници. Сенидах во Скопје ќе настапи на 14 февруари во СЦ „Јане Сандански“.
Овој датум не е случаен, тоа ќе биде вечер посветена на блискоста, искрената емоција и врската што со години ја гради со македонската публика.
По големите регионални настапи и спектакуларни продукции регионалната музичка икона Сенидах во Скопје доаѓа со концерт што е замислен како интимна, но моќна средба, како момент кога барем за една ноќ ќе постојат само таа и публиката.
Секогаш чувствувам посебна енергија кога сум во Скопје и со нетрпение се подготвувам за оваа средба. Концертот ќе биде ноќ полна со емоции и силна музика. Едвај чекам повторно да се видиме, да пееме заедно и да ја споделиме таа енергија, порачува Сенидах.
Токму таа емоција ја носи и нејзиниот најнов музички период. Со албумот „Сен и дах“, Сенидах уште подлабоко навлегува во личните теми, односите и чувството на припадност, а најновиот сингл „Ти и ја“ стана симбол на блискоста, довербата и моментите што се случуваат кога музиката ги брише сите дистанци.
Позната по својот уникатен спој на R&B, трап и балканска емоција, како и по сценски настап што секогаш носи силна визуелна и аудио порака, Сенидах со години ја дефинира современата регионална сцена. Нејзините соработки со Дино Мерлин, Џала Брат и Буба Корели, Цоби, Раф Камора, како и низата хит-синглови со милионски стримови, ја вбројуваат меѓу најавтентичните и највлијателни артисти денес.
Концертот е во организација на SKYMUSIC продукција, а публиката во Скопје може да очекува врвна продукција, моќен звук и сценски дизајн што ја следи секоја емоција, од најтивките моменти до експлозивните рефрени што се пеат во еден глас. Ова нема да биде само концерт, туку заедничко доживување.

Македонски





