
Викендов на Рудина, Долнени ќе одекнат гајдите, зурлите, тапаните, кавалите. По 51. пат ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Богатиот изворен мелос ќе го претстават околу 300 учесници од сите делови на државата, а на Фестивалот и на Семинарот за изучување на народните инструменти, што е во рамките на манифестацијата, гостуваат членовите на оркестарот „Александар“ од Австрија кои го негуваат македонскиот изворен мелос.
– Може да се пофалиме дека годинава имаме многу нови групи, многу млади учесници и тоа што ќе го понудат во двата фестивалски дена ќе биде атрактивно и многу убаво, затоа што сите од регионите ги претставуваат културата, традицијата и богатото изворно творештво, рече на прес-конференција уметничкиот директор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска.
Деновиве, во прилепскиот ученички дом „Орде Чопела“ се одржува Семинарот за изучување на народни инструменти и песни.
Овие денови со 20-тина млади работиме на изучувањето на традиционалниот изворен мелос. Интересот кај младите е голем, рече етнокореологот Стојанче Костов кој заедно со уметничкиот директор Родна Величковска, со етномузикологот Горанчо Ангелов и фолклористот Горан Василевски работат со младите.
Во рамки на фестивалот е и симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“. Ќе се одржи утре напладне во Центарот за култура „Марко Цепенков“ кога ќе биде претставен и Зборникот на трудови за истражувањето во фолклористиката. Пред симпозиумот, составен дел на фестивалот е и Ден на гајдата, особено што од декември минатата година гајдата и нејзината изработка се на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство. Гајдата е поврзана и со фестивалот кој неслучајно се одржува во Долнени што се смета за лулка на гајдаџиството во земјава.
Фестивалот е најстар од овој карактер, конкретно ја негува гајдата како инструмент. И не случајно се одржува во Долнени каде своевремено имало дури и 150 гајдаџии, од каде потекнува и универзалниот уметник со светски глас Пеце Атанасовски, а Фестивалот, или поконкретно, општина Долнени ја доделува и најголемата фестивалска награда – „Гајдата на Пеце“ за најдобар гајдаџија, истакна Горан Василески, претседател на фестивалот.
Фестивалот ќе заврши в недела со доделување на наградите на најдобрите изведувачи на народни инструменти и песни.