
Здружението „Љубители на класична музика” Скопје, членка на Светската Унија на хармоникашите Confédération Internationale des Accordéonistes (CIA) Member of the International Music Council (IMC-UNESCO) по 17-ти пат организира Свечен концерт по повод светскиот ден на хармониката. Гала концертот ќе се одржи на 26-ти мај (понеделник) во НУ Музеј на македонската борба за самостојност со почеток од 20 часот. Влезот е слободен.
На концертот ќе настапат реномирани уметници од земјава, како и студенти од класата на професорката Зорица Каракутовска од Факултетот за музичка уметност Скопје. Покрај солистичките точки, на концертот ќе настапат и хармоникашки камерни ансамби.
На програмата се дела од Зубицки, Вивалди, Пјацола, Бете Илин и други.
Светската унија на хармоникашите во 2009 година го прогласи 6-ти мај за Светски ден на хармониката (World Accordion Day), бидејќи токму на овој датум во 1829 година е патентирана првата хармоника.
Роденденот на хармониката се чествува во многу земји низ светот, а овој меѓународен проект во Македонија е поддржан од Здружението „Љубители на класична музика” Скопје од самиот почеток.