Skip to main content

Со концерт посветен на 100 години од раѓањето на композиторите Кирил Македонски и Властимир Николовски, завршуваат ДММ

Со концерт на Филхармонија посветен на 100 години од раѓањето на композиторите Кирил Македонски и Властимир Николовски, завршуваат годинашните Денови на македонската музика.

Концерот, под дригентство на маестро Борјан Цанев, со солистички настап на сопранистката Мила Јаневска ќе се одржи на 16 октомври во големата сала на филхармонијата, со почеток во 20 часот.

На програмата се Кирил Македонски: Симфонија бр. 4 (1960), Властимир Николовски: Оркестарска суита „Ин модо антико“ за симфониски оркестар (1957) и „По патиштата“, вокално-инструментален циклус за глас и симфониски оркестар (1960)

100 години од раѓањето на Кирил Македонски и Властимир Николовски

Кирил Македонски (1925 – 1984) е еден од најистакнатите македонски композитори на 20-тиот век, чиј опус одигра клучна улога во обликувањето на македонската музичка култура. Тој беше меѓу првите што успешно споија традиционалните македонски музички елементи со современите западноевропски музички насоки, создавајќи препознатлив стил што ја одразува националната музичка идиоматика. Музиката на Македонски ја носи уникатната ритмичка и мелодиска пулсација на македонскиот фолклор, кој го сметал за суштинска основа на своето творештво. Во периодот од 1956 до 1960 година, компонира неколку значајни оркестарски дела, меѓу кои и четири од неговите пет симфонии. Неговиот професор, словенечкиот композитор Луцијан Марија Шкерјанц, ги опишал неговите симфонии како „силни, динамични и исполнети со сигурност во изразот преку јазикот и музичките средства на дваесеттиот век“.

Академик Властимир Николовски (1925 – 2001) претставува еден од темелите на македонската композиторска мисла. Неговото исклучително плодотворно творештво не се одликува само по обемот, туку и по длабочината, квалитетот и инвентивноста. Тој е централна фигура, своевидна оска околу која се движат останатите композиторски правци во македонската музика, оставајќи траен белег во нејзиниот развој. Неговото музичко творештво ги обединува речиси сите жанрови и форми на композиторското творештво во втората половина на ХХ век. Николовски создал над 140 композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и значаен број публицистички трудови посветени на различни прашања од музичката уметност. Во доменот на симфониската и вокално-инструменталната музика, Николовски создаде дела со силна експресивност, богата звучна палета и јасна тематска структура. Влијанието на фолклорот е речиси неизбежно во целиот негов творечки опус, а неговата обработка открива јасни и нескриени „алузии“ на пристапот на Барток во начинот на инспирирање и интегрирање на народните елементи во уметничката музика.

Изведувачи

Маестро Борјан Цанев (Скопје, 1973) е еден од водечките македонски диригенти, чиј репертоар и интерпретативен пристап се одликуваат со длабока прецизност и стилска автентичност. Неговата уметничка дејност се карактеризира со аналитички пристап кон партитурата, интензивна динамичка експресија и фина артикулација, што го вбројува меѓу најзначајните фигури на современата македонска диригентска сцена.

Со својот долгогодишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, Цанев значително придонесе кон унапредувањето на оркестарската интерпретација во Македонија. Неговите толкувања на симфонискиот и концертниот репертоар се одликуваат со суптилно обликување на оркестарската текстура, внимателно балансирање на инструменталните секции и прецизна агогика, што особено доаѓа до израз во неговите изведби на делата од доцниот романтизам и модерната ера. Посебно внимание во неговата работа заземаат делата на македонските композитори, каде што неговата интерпретативна естетика вклучува внимателна артикулација на мелоритмичките и хармонските особености карактеристични за македонската современа музика. Под негово водство, Македонската филхармонија реализира бројни значајни изведби на македонски автори, воспоставувајќи репертоарна континуитетност и контекстуална рефлексија на националниот музички идентитет.

Покрај активноста како диригент, Цанев е ангажиран и во педагошката сфера, каде што неговата методологија опфаќа историско-аналитички пристап кон диригентската техника и стилската интерпретација. Неговото влијание врз новите генерации македонски музичари е значајно, особено во однос на разбирањето на оркестарскиот звук, функционалната анализа на партитурата и современите диригентски практики.

Со својата уметничка дејност, Борјан Цанев претставува водечка фигура во современиот македонски музички контекст, спојувајќи интерпретативна суптилност со аналитички пристап, и со тоа придонесува за афирмација на македонската музичка култура на меѓународната сцена.

Мила Јаневска (Скопје, 1996), е талентирана сопранистка од најмладата генерација која гради импресивна интернационална кариера, настапувајќи на престижни оперски и концертни сцени и освојувајќи награди на највисоко ниво во светот на оперската музика. По завршувањето на средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, Мила продолжува со студии по оперско пеење на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира во 2020 година. Во текот на своите студии, таа активно работи со признатите професори Габриеле Лехнер, Красимира Стојанова и Ангелика Кирхшлагер, фокусирајќи се на опера, Lied и ораториум. Во 2024 година го положува магистерскиот испит со највисоки признанија.

Солистичкиот настап со Македонската филхармонија во 2018 година го нагласи нејзиниот суптилен однос кон вокалната линија и сценската експресија, што критиката го препозна како израз на „млад сопран со исклучителна емоционална длабочина“.Во 2019 година ја пее главната улога во оперетата Смешните нибелунзи на Универзитетот во Виена, а истата година настапува на летниот фестивал JOPERA и на фестивалот „Шопертијаде“ во Виена. Мила освојува повеќе меѓународни признанија, вклучувајќи го престижниот конкурс Neue Stimmen. Во 2021 година настапува на завршниот концерт на маестро Томас Хемпсон во Линц, Австрија, а во 2022 година е дел од проектот Шубертијаде, организиран од светскиот тенор Михаел Шаде. Во мај 2023 година ја дебитира главната улога на Елетра во Моцартовата опера Идоменео на Schlosstheater Schönbrunn.

Независно од младоста, Мила веќе е препознатлива фигура на светската опера сцена, настапувајќи со водечките оркестри како Wiener Kaiserorchester и Wiener Barockorchester. Во октомври 2024, Мила ја има честа да дебитира во Индиската метропола Мумбаи, каде одржува свој солистички концерт во престижната сала „Тата театар“.


ДОДЕЛУВАЊЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НАГРАДИ НА СОКОМ

Вовед во Свеченото затворање на фестивалот ќе биде доделувањето на традиционалните награди „Георги Божиков“ и „Панче Пешев“ што СОКОМ ги доделува за најуспешни композиторски и уметнички остварувања во претходната година. 

Наградата „Георги Божиков“, која Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во претходната година, за 2024-та година ја доделува на Камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“ и на диригентката Јасмина Ѓорѓеска – Каро.

„Алтус / Нов здив“ во текот на 2024 година одржа низа концерти во земјава и странство, со богата програма посветена на македонски автори – Зографски, Цанев, Андреевска, Шахов, Трандафиловски, Велковска Трајановска, Начевски, Андовска и други. Ансамблот е составен од врвни уметници (Гонца Богоромова-Краповски, Елена Стојческа, Игор Иванов, Роман Петиот, Мартин Димитровски, Александар Лаовски, Паскал Краповски и Маријана Николовска) и претставува еден од најпосветените промотори на современото македонско музичко творештво.

Јасмина Ѓорѓеска – Каро ја добива наградата за изведби на дела од Гајдов, Скаловски, Прокопиев, Шуплевски, Зографски, Стојков и други, со своите хорови кои успешно настапуваа и на меѓународни сцени.

Наградата ,,Панче Пешев“ која претставува највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2024 година ѝ се доделува на композиторката Ана Пандевска за делото „Куклици“.

Композицијата „Куклици“ премиерно се изведе на 28 ноември минатата година, на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија и беше една од откупените композиции на конкурсот кој го објави оваа институција со цел да се поттикнат и мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела кои својата праизведба ќе ја доживеат во јубилејната концертна сезона.

Ана Пандевска (Скопје, 1985) студира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде дипломира во 2010 година. Нејзиниот опус опфаќа дела за соло-инструменти, камерни состави, оркестар, музика за деца и електроакустични проекти. Пандевска е авторка која се движи низ различни стилови и жанрови, градејќи сопствен израз во кој естетската идеја секогаш има предност пред површниот ефект. Нејзината музика често носи полистилистички пристап – спој на фолклорни, џез и современи звучни изрази – како и чувствителност кон општествени и културни контекст.

Влезот е слободен. 

Поврзани вести