
Во исклучително инспиративна атмосфера со оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) се одржа првата проба на шпанскиот тенор со светски глас, маестро Пласидо Доминго кој вчера поладне допатува во Скопје.
Доминго на 14 март за првпат ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Борис Трајковски” од 21 часот.

Маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена. Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба, вели во соопштението организаторот на концертот, „Прагма продукција“.
Доминго вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.

На концертот во Скопје ќе настапи и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер од Шпанија.
Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал низ најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арена „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта, вели организаторот.