Skip to main content

Пејачот Александар Тасевски го облече дресот на „Фидбек бенд”: Се договоривме за пет минути

Момците од познатата музичка група „Фидбек бенд” преку социјалните мрежи ја известија својата публика дека од неодамна имаат промена во нивниот состав. Имено тие и нивниот довчерашен член, односно пејач, решија да ја прекинат соработката и секој да продолжи понатаму во кариерата.

Меѓутоа момците од групата не губеа многу време, па во своите редови и официјално го донесоа познатиот пејач Александар Тасевски, кој пак позади себе има богата музичка историја.

Почитувани, со огромно задоволство ви ја објавуваме новата етапа во нашата музичка приказна! Нашиот бенд започнува соработка со исклучително талентираниот пејач Александар Тасевски, кој од денес официјално е дел од нашиот тим. Подготвени сме да ви понудиме нешто ново, модерно и уникатно. Доаѓаме со уште повеќе емоции и полна енергија заедно со нашиот нов член. Со почит FEEDBACK BAND, стои во соопштението кое го објавија членовите на музичката група.

Своето задоволство од новата соработка не го криеше ниту Александар Тасевски, кој истакна дека му претставува голема чест што добил покана да биде дел од “Фидбек Бенд”.

Се договоривме за нецели пет минути со новите колеги. Тоа значи дека уште во старт имаме исти ставови, исти цели и тоа посебно ме радува. Се надевам и верувам во една успешна и долга приказна, изјави пејачот Александар Тасевски.

Тие веќе ги направија првите заеднички проби, а веќе се закажани и првите настапи. Исто така важно е да се напомене дека Александар и „Фидбек” во моментов работат и на новите “кавер” песни, а на крајот на јануари ќе ја промовираат и нивната авторска песна.