Skip to main content

Зеленски ги избегнува критичките медиуми, украинските новинари бараат одговори

Фото: Facebook / Володимир Зеленський

Секојдневното објавување видеопораки од украинскиот претседател Володимир Зеленски претставува еднонасочна комуникација, критикуваат новинарите. Тие бараат голема прес-конференција отворена за сите медиуми, прва по година и пол.

Новинари од различни украински медиуми снимија видео во кое поставуваат прашања на кои би сакале да добијат одговори од Володимир Зеленски. Прашањата пред сè се однесуваат на корупциските скандали што ги открија антикорупциските органи, како и на личната одговорност на самиот претседател.

Истражувачкиот новинар Данило Мокрик, еден од учесниците во видеото, смета дека претседателот повторно мора повеќе да се изложи пред јавноста.

„Володимир Зеленски одамна престана да разговара со општеството. Тој комуницира во форма на монолог“, критикува Мокрик. „А нам ни е потребен дијалог.“

Илјадници луѓе со петиција бараат прес-конференција

Данило Мокрик наведува и конкретен пример: прилично изнудената оставка на тогаш популарниот министер за одбрана Михајло Федоров во јули. Зеленски не ѝ го објасни тоа доволно на јавноста, ниту реагираше на спонтаните протести за поддршка на Федоров.

„Не покажа никаков интерес да разговара со кој било од демонстрантите. Не даде интервју за ниту еден украински медиум“, вели новинарот. „Но најде време да даде интервју за американската блогерка Лора Лумер, како и за телевизијата Скај њуз, токму за време на протестите.“

Поради тоа, на интернет-страницата на претседателот беше покрената петиција со барање Зеленски да одржи голема прес-конференција, која би била отворена и за сите критички настроени медиуми.

Во петицијата се наведува дека последната прес-конференција од таков тип била одржана пред повеќе од година и пол. Досега ја потпишале речиси 22.000 луѓе. Кога бројот на потписите ќе достигне 25.000, претседателот е должен барем да ја разгледа.

Оправдани критики?

Некои набљудувачи сметаат дека критиките кон Зеленски се претерани и наведуваат дека претседателот комуницира на свој начин – преку три канали. Речиси секоја вечер објавува видеопорака, а со избрани медиуми се среќава на брифинзи затворени за јавноста.

Освен тоа, претседателската администрација има канал на апликацијата Ватсап, објаснува Оксана Романјук од Институтот за масовни медиуми, кој ја следи медиумската сцена во Украина.

„Во тој разговор има многу новинари, во моментов 534. Таму може да се поставуваат прашања. Неодамна таму повторно беше одржана една мала прес-конференција“, објаснува таа.

Меѓутоа, истражувачкиот новинар Данило Мокрик го критикува ваквиот пристап и нагласува дека тоа не е отворен дијалог. Во тој разговор претседателот и неговите соработници можат сами да избираат на кои прашања ќе одговорат, а кои ќе ги игнорираат.

Покрај тоа, некои критички медиуми се целосно исклучени од ваквиот вид комуникација. На пример, Украинска правда, влијателен и традиционален интернет-медиум, веќе долго време не добива покани за брифинзите, за разлика од независните странски медиуми, меѓу кои е и германскиот јавен сервис АРД.

„Самиот си нанесува штета“

„Кога на ваков начин се оградува од Украинска правда, претседателот треба да знае дека со тоа не ни нанесува штета нам“, вели Михајло Ткач, новинар на овој портал. „Со тоа им нанесува штета на граѓаните на Украина, кои не добиваат одговори на важни прашања.“

„А си нанесува штета и самиот на себе, бидејќи поради тоа не може да разбере одредени проблеми на кои би можеле да му укажеме на прес-конференциите.“

Како пример, Ткач ја наведува прес-конференцијата од пред три години, кога го прашал претседателот што планира да преземе против компаниите што се занимаваат со интернет-измами. Денес земјата ја потресува скандал токму поврзан со тие компании, бидејќи антикорупциските органи утврдиле дека државни институции наводно ги штитат измамниците.

Истражувачкиот новинар Мокрик се надева дека Зеленски сериозно ќе ја сфати петицијата на својата интернет-страница и ќе организира нова голема прес-конференција.

„Општеството е трауматизирано, емотивно е, му требаат контакт и дијалог. Тоа бара реакција од државната власт на она што ги боли луѓето.“

Поврзани вести