Skip to main content

Кличко: Киев се наоѓа во исклучително драматична ситуација поради руските напади

Facebook/Віталій Кличко

Киев се наоѓа во исклучително драматична ситуација поради постојаните руски напади – изјави денеска градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко, обвинувајќи ја Русија дека сака да го уништи градот.

„Престолнината се наоѓа во исклучително драматична ситуација и веќе не е можно да се преправаме дека живееме во мирно време“, напиша Кличко на Телеграм.

Тој додаде дека руските воздушни напади предизвикале делумно ограничување на сообраќајот на три моста над реката Днепар во Киев, што довело до сообраќајни метежи и претставува уште една тактика од кампањата на терор врз жителите на престолнината.

Цивилното население ги трпи најтешките последици од оваа војна – изјави денеска во Женева високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, истакнувајќи дека војната во Украина е хуманитарна катастрофа што се интензивира секоја недела и предизвикува неизмерна болка кај цивилите кои низ цела Украина живеат во постојан страв.

Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига изјави дека украинските претставници добиле одделни предлози за делумно примирје со Русија од САД, Индија, Турција и Египет. Предлозите предвидуваат запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, кои доведоа до недостиг на гориво во Русија и прекини во снабдувањето со електрична енергија во Украина, како и прекин на нападите врз бродскиот сообраќај во Црното Море, неопходен за извоз на жито на светските пазари.

Додека размената на воздушни напади се интензивираше во последните неколку месеци, борбите долж фронтовската линија долга околу 1.250 километри практично се во застој. Русија ја започна целосната инвазија на соседна Украина во февруари 2022 година.

Поврзани вести