
На 29 август (сабота) во 20 часот во Хераклеа ќе се одржи јубилејниот концерт на „Фолтин“ кој го затвора БитФест. По концертот следува Foltin After, a прославата продолжува со многу изненадувања, најавува организаторот.
Не се враќаме во Хераклеа за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, велат од „Фолтин“.
Пред 30 години, токму во Хераклеа, на сцена застана бенд кој почнуваше да ја открива својата музика, себе си и публиката пред која за првпат настапуваше. На 29 август 2026 година, три децении подоцна, „Фолтин“ повторно се враќаат во Хераклеа, овојпат со големиот јубилеен концерт Фолтин 30, централен настан со кој бендот ја одбележува својата 30-годишна концертна приказна.
Во изминатите три децении се менувале луѓето, музиката, градовите и сцените, но публиката останала константа. Токму затоа, велат од бендот, Фолтин 30 не го доживуваме како своја прослава, туку како прослава на сите оние кои во изминатите 30 години биле дел од приказната, од оние кои биле на првиот концерт во Хераклеа, до оние кои Фолтин можеби првпат ќе го слушнат токму на 29 август.
Јубилејната вечер ќе донесе специјална концертна програма, гости и изненадувања, а Фолтин најавуваат и песни кои одамна не биле дел од нивните настапи.
Ќе има луѓе кои се важен дел од нашата приказна, песни кои одамна не сме ги свиреле и моменти кои сигурно нема да се повторат. А има и неколку работи за кои мислиме дека е подобро да не ги кажеме денес“, велат од Фолтин.
Јубилејната приказна продолжува и преку FOLTIN LIVE, двојното винилно издание кое Фолтин го опишуваат како своја „звучна монографија“, концертната енергија преточена во траен аналоген запис. Снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје, на врвна аналогна опрема, а винилот е печатен во Sony Виена според највисоки стандарди за винил продукција.
Концертот на Фолтин е воедно и големото финале на овогодишниот БитФест, во организација Културно информативниот центар Битола и Општина Битола, со кои Фолтин ја споделуваат оваа голема завршница на фестивалското лето.
Но, 29 август нема да биде крај на „Фолтин 30“. Јубилејната година продолжува со низа музички, издавачки и други проекти, преку кои бендот ќе ја одбележува својата тридецениска приказна.

Македонски


