
Македонската делегација на Медитеранските игри во Таранто официјално поднесе жалба за судиската одлука на полуфиналната борба на Ален Рустемовски против Шпанецот Марин Ернандез во категоријата до 60 килограми. Жалбата е официјално примена од Светската боксерска асоцијација и ќе биде разгледана, но конечниот пласман на Рустемовски засега останува непроменет.
Рустемовски не успеа да се пласира во големото финале, откако во израмнета борба во сите три рунди загуби од Ернандез со одлука на судиите од 4:1. Со тоа, македонскиот боксер настапот на Медитеранските игри 2026 го завршува со бронзен медал.
Од македонската делегација сметаат дека Рустемовски бил оштетен со судиските одлуки и затоа веднаш по мечот било реагирано и поднесено официјалното барање за разгледување на одлуката.
Жалбата е примена, ќе се разгледува, но одлуката за тоа кој ќе боксува во финалето останува непроменета. Единствено што може да се случи е да биде поведена дисциплинска постапка против судиите доколку се увиди судиска тенденциозна грешка и да бидат санкционирани. Одлуката може да биде донесена две недели по поднесокот. Ален Рустемовски останува на трето место на овие Медитерански игри“, велат од македонската делегација.
Медалите во машката конкуренција до 60 килограми ќе бидат доделени денеска, а честа да им ги додели одличјата на најдобрите боксери ќе ја има претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
До полуфиналето Рустемовски стигна по одличниот настап во четвртфиналето, во кое со технички нокаут го совлада албанскиот боксер Ариол Зенели.
Денеска продолжуваат и настапите на македонските спортисти во Таранто. Во бадминтон, во машки двојки, Македонија во осминафиналето ќе игра против Кипар со почеток во 10:40 часот, додека македонската женска одбојкарска репрезентација ќе се сретне со Алжир со почеток во часот.
Со бронзата на Рустемовски, Македонија досега има вкупно пет освоени медали на Медитеранските игри во Таранто. Во борење сребрени медали освоија Фати Вејсели и Реџеп Хајдари, додека бронзени одличја освоија Ахмад Магомедов и Вероника Консевиќ.

Македонски


