Skip to main content

Македонскиот фолклор на светскиот пиедестал: КУД „Илинден“ од Битола освои второто место на World Folk Dance Competition во Истанбул

Во конкуренција на 41 ансамбл од целиот свет, битолското културно-уметничко друштво освои сребро и награда од 3.000 долари на World Folk Dance Competition во Истанбул.

Македонскиот фолклор повторно се најде на светскиот победнички пиедестал. КУД „Илинден“ од Битола го освои второто место во категоријата автентичен фолклор на престижниот World Folk Dance Competition, што се одржа во Истанбул, Турција. Во силна конкуренција од 41 ансамбл од различни држави, од кои 21 ансамбл се натпреваруваше во категоријата автентичен фолклор, македонската традиција беше препознаена како една од највредните и најавтентичните во светот.

Ансамблот настапи со ороводната песна „Седело Ѓуре“, легендарното „Машка копачка“ и сценската адаптација „Русински мегдан“ на м-р Љупка Стефановска, со што освои сребрен медал и парична награда од 3.000 американски долари.

Првото место му припадна на ансамблот од Република Башкортостан, а третото место го освои ансамбл од Црна Гора. Овој резултат претставува едно од најзначајните меѓународни признанија за македонскиот автентичен фолклор во последните години и уште една потврда дека богатото културно наследство на Македонија заслужено го зазема своето место меѓу најдобрите во светот.

Со овој успех, КУД „Илинден“ не ја претстави само Битола, туку и целата држава, покажувајќи дека македонската песна, игра и традиција продолжуваат да освојуваат публика, стручни жири-комисии и највисоки признанија на светската сцена.

Поврзани вести