
Агенцијата за храна и ветеринарство го засили надзорот за западнонилска треска кај живината и дивите птици на целата територија на државата, а досега се потврдени два позитивни случаи – еден во Скопје и еден во Ресен.
Активниот надзор се спроведува преку лабораториско тестирање примероци од живина во селски стопанства, птици чувани во затворени објекти и одгледувалишта на водени птици. Опфатени се кокошки, мисирки, фазани, еребици и ноеви, како и повеќе видови диви птици.
Од 24 до 27 август до АХВ пристигнале повеќе од 100 пријави од граѓани за угинати птици. Не секоја пријава, сепак, може да резултира со лабораториско тестирање, бидејќи дел од пријавените видови не се соодветни за испитување за западнонилска треска. Од досега обработените примероци, позитивен резултат е добиен кај една угината птица во Скопје и една во Ресен.
АХВ апелира до одгледувачите на живина да ги почитуваат мерките за биосигурност и да го ограничат контактот на домашните со диви птици. Граѓаните, пак, се повикуваат да пријават доколку забележат поголем број угинати преселни птици на исто подрачје, без да се создава паника поради поединечен случај.
Во Скопје, собирањето на угинатите птици се врши во соработка со Град Скопје, а во другите општини тоа го прават официјалните ветеринари со локалните комунални претпријатија. По земањето примероци, птиците се нештетно отстрануваат, а теренот се дезинфицира.

Македонски


