Skip to main content

Концерт на „Загушљиви дим“ и „Improof“ во Котур

Вечерва во кафе-киното „Котур“ ќе настапи хрватскиот бенд „Загушљиви дим“, кој ќе бидат придружени од македонскиот импровизаторски состав „Improof“.

Концертот ќе започне во 21 часот и влезницата чини 300 денари.

„Загушљиви дим“ е power трио од Чаковец, Хрватска, кој звучи како најдоброто од построкот, психоделијата и прогресивниот рок измешано во еден инструментален котел. Тие ги опишуваат своите концерти како „мантрични музички патувања кои целат да го истражат чудесното, морничавото, непознатото и она што навидум ни изгледа познато“. Тие со години одржуваат концерти низ Балканот, меѓу кои и со македонскиот состав „Луфтанза“ во Загреб минатата година.

Тие ќе бидат придружени од „Improof“, кој е импровизаторската страна на македонскиот алхемичарски состав „Алембик“. Нивните интерактивни настапи вклучуваат извлекување карти од шпилот „Oblique Strategies“ на Брајан Ино, на кои пишува едноставни музички упатства. Потоа, бендот конструира музички парчиња во самиот момент според извлечената насока, дозволувајќи и на публиката да биде активен учесник во музиката која ја слушаат.

Концертот е организиран од независната музичка издавачка куќа „Мртов коњ“, која е двигател на независната музичка сцена во Македонија, организирајќи турнеи и дистрибуирање на изданија на бендови како „Корка“, „Луфтанза“, „Кем“, „Големата вода“, „Алембик“ и многу други.

фото: Издавачка куќа „Мртов коњ“

Поврзани вести