
В сабота, на 17 мај во 21 часот во Ла Кања ќе се одржи концерт на Sophia Djebel Rose од Франција. Концертот е дел од серијалот Нова пролет, со кој Канал 103 одбележува 34 години постоење.
Во рамки на нејзината обемна европска турнеја, Sophia Djebel Rose ќе ја донесе својата магична, интимна и бунтовна музика во Скопје. Нејзиниот звук ги сублимира традициите на француската шансона и мрачната фолк атмосферичност преку авангардна слобода на израз – тоа се песни што ја евоцираат моќта на шумите, водите, годишните времиња, смртта, љубовта и бунтот. Со новиот албум Sécheresse, Sophia Djebel Rose нè води на музичко патување кое е воздушесто и длабоко, кревко и сурово. Нејзиното творештво е плод на живот во постојано движење – отфрлање на удобноста како потрага по поетска вистина. Низ нејзината музика одекнуваат духот и силата на икони како Catherine Ribeiro, Buffy Sainte Marie, PJ Harvey, Nico, Emma Ruth Rundle, Marissa Nadler – жени кои секогаш ги рушеле границите меѓу жанровите.
Упатените музички хроничари ја паметат и по работата во дуото An Eagle in your Mind, со кое во 2018 година настапи во скопскиот планетариум како и во глувата соба на Канал 103.