Skip to main content

Концерт на гудачкиот квартет „Атака“: Одбележување на 120 години од раѓањето на Стефан Гајдов, 100 години од раѓањето на Властимир Николовски и Кирил Македонски

Стефан Гајдов – 120 години од раѓањето
Властимир Николовски – 100 години од раѓањето
Кирил Македонски – 100 години од раѓањето


Концерт на гудачкиот квартет АТАКА
Ева Богоевска – виолина
Марија Трајковска – виолина
Илза Бафтиари – виола
Маја Михајловска – виолончело

Модератор: Бранка Костиќ Марковиќ


Програма:
Властимир Николовски
Квартет бр.2 „BREVIS“ (1985)

Кирил Македонски
Гудачки квартет оп.22 (1970)

Стефан Гајдов
Гудачки квартет во це-мол (1934)

Петок, 6 јуни 20 часот
Музеј на македонската борба


За ансамблот
Гудачкиот квартет „Атака“ 
е состав кој со својата младешка енергија, стилска автентичност и максимален влог во изведбата брзо се наметна како значаен дел од домашната музичка сцена, особено преку интерпретациите на делата на македонските композитори.

Формиран во 2022 година, квартетот го сочинуваат четири истакнати музичарки: Ева Богоевска (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело). Секоја од нив носи богато искуство од настапите на домашните и меѓународните концертни сцени, учество во реномирани оркестри и проекти, како и едукација под менторство на врвни професори. Нивните индивидуални карактери се соединуваат во полни, беспрекорни изведби, што ја носат публиката низ богатството на партитури и авторски изрази.

Во изминатите години, квартетот редовно учествува на фестивалот „Денови на македонска музика“, каде што се наметна како уверлив толкувач на камерните дела од македонски композитори од различни генерации (Драгослав Ортаков, Ристо Аврамовски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов). Критиката ги препознава нивните настапи како извонредно стилско музицирање што создава впечаток на „музички вител“. Звукот на „Атака“ е полн, активен и внимателно избалансиран.

Квартетот „Атака“ од своето основање покажува длабока посветеност кон македонското музичко творештво, интегрирајќи го во својот репертоар со автентичен сензибилитет. Нивните интерпретации не само што ја реафирмираат вредноста на домашната музичка мисла, туку и внесуваат свежа уметничка перспектива, создавајќи динамично звучно искуство за публиката.

Одбележување на јубилеите на Гајдов, Николовски и Македонски
Стефан Гајдов (1905–1992)

Стефан Гајдов претставува една од клучните фигури во формирањето на современата македонска музичка култура по Втората светска војна. Роден во Велес, потекнува од музичка средина, каде што рано доаѓа во контакт со народната музика и хорското пеење. Своето формално образование го стекнува во Белград, на наставно-теорискиот отсек при Музичката школа, каде студира кај Јосип Славенски, Милое Милоевиќ, Коста Манојловиќ и други истакнати југословенски музичари. По завршувањето на студиите, развива интензивна дејност како музички педагог и диригент, најпрво во Велес, а потоа и во Вуковар, каде што успешно раководи со повеќе хорови и започнува да компонира.

Неговото творештво е доминантно фокусирано на хорската музика, со особен интерес за хармонизација и обработка на македонските народни мелодии. Овие дела се одликуваат со јасна форма, умерена полифонија и употреба на фолклорни модуси и ритмички структури. Во нив се согледува стремежот кон развивање на сопствен авторски јазик врз основа на традицијата, со примена на стекнатите академски техники. Неговите композиции често се вклучени во репертоарот на хорските ансамбли во Македонија, како и во образовниот процес.

Освен на полето на вокалната музика, Гајдов е автор и на неколку значајни инструментални дела, меѓу кои Гудачкиот квартет (1934) – прв од ваков вид во македонската музика, и Фантазија за флејта и оркестар (1968), каде што комбинира фолклорна мелодика со класични форми. Активен е и како институционален организатор: раководи со Хорот на Радио Скопје, е прв директор на Операта при МНТ (1951/1952), како и на Десетгодишното музичко училиште (1955–1970). Како долгогодишен педагог и автор на учебници по музичко воспитување, има значаен придонес кон музичкото образование во Македонија.
 Кирил Македонски (1925–1984)
Роден во Битола, Македонски своето музичко образование го стекнува во Загреб, Сараево и Љубљана, каде магистрира композиција кај словенечкиот композитор Луцијан Марија Шкерјанц. Во својата рана фаза се истакнува со симфониската поема Танчарка (1951) и низа хорски композиции со фолклорна основа. Во 1954 година ја создава Гоце, првата македонска национална опера, која и покрај мешаните критики, има историско значење за националната музичка сцена и го означува почетокот на македонската оперска уметност. Меѓу 1956 и 1960 година ги создава своите први четири симфонии, кои Шкерјанц ги оценува како „силни, динамични и исполнети со сигурност во изразот“. Овие дела се одликуваат со развиена оркестрација, енергична ритмика и логична формална структура, при што доминираат мотиви инспирирани од македонскиот фолклор, обработени со современи композиторски техники.

Неговото најобемно дело е операта Цар Самуил (1962–1966), во која преку сопствено либрето и драмски вокално-оркестарски јазик, тематизира епизоди од македонската средновековна историја. Покрај композицијата, Македонски активно се занимава и со музичка психологија и музикотерапија, создавајќи дела и теоретски трудови признати и во меѓународни рамки. Со својот умерен модерен стил, длабоко втемелен во македонската фолклорна традиција, Кирил Македонски остави траен белег во симфониската и оперската музика.
 
Властимир Николовски (1925–2001)
Академик Властимир Николовски е една од највлијателните личности во историјата на македонската уметничка музика. Образован во Ленинград кај Орест Евлахов и во Белград кај Миленко Живковиќ, Николовски е композитор со извонредно обемен и жанровски разнолик опус од над 140 дела – од камерна, преку симфониска, до вокално-инструментална и хорска музика.

Неговите композиции се карактеризираат со модален мелос, полифонична текстура, инвентивна оркестрација и ритмика инспирирана од македонскиот фолклор. Особено место заземаат неговите ораториуми и кантати, како „Клименту“, во кои преку оригинални извори и драмски израз развива духовни и историски теми. Во симфониската музика создава дела со богата звучна палета, динамична напнатост и структурна јасност, често со алузии на стилот на Барток во начинот на обработка на народните елементи.

Како професор и прв декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Николовски има значајно влијание врз генерации млади композитори. Тој е и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде е редовен член од 1981 година, и автор на бројни музиколошки и публицистички трудови.

Со својот умерено модерен, комуникативен јазик и доследна приврзаност кон духовните и културни контексти на својата средина, Властимир Николовски се смета за столб на македонската композиторска школа и клучна фигура во нејзиното уметничко оформување и естетски идентитет.
 
Влезот на концерот е слободен.

Поврзани вести