
На 21 ноември, во тивката есенска вечер на Софија, Македонскиот културно-информативен центар стана нешто повеќе од сцена. Стана светилник, пресвртница, простор што за миг го промени своето значење, претворајќи се во жив организам роден од вибрации, создадени од звукот, емоцијата и заедничкиот здив на сите присутни.
Концертот на „Баклава“ не беше само прослава на дваесет години творештво, туку тој беше ретка вечер, ритуал што ги поврза дваесетте години на ансамблот со дваесетте години на Македонскиот КИЦ, создавајќи еден голем, невидлив мост, проткаен со музика, меморија и идентитет.
Таа музичка вечер Македонија беше целосно присутна, распослана во секој тон, во секој здив, во секој поглед на музичарите.
Салата што го ткае воздухот
Уште пред да започне концертот, салата веќе беше наполнета со очекувања што се чувствува во воздухот како тивка емоција. Публиката, која присуствуваше во Софија, не беше случајна, туку таа беше составена од луѓе кои дојдоа со љубопитност, со носталгија, со љубов кон македонскиот звук, односно нив ги водеше чувството дека ќе присуствуваат на нешто посебно.
Кога првите тонови се појавија како невидливи нишки што го ткаат просторот, сите погледи, сите срца и сите мисли беа насочени кон музичката група, оти би се рекло, ако постоеше тишина, тогаш таа беше тишината која се слуша.
Првиот здив на музиката
Доволно беше само да се чуе првиот тон, првиот звук, и да се почувствува дека ова не е обичен концерт, бидејќи музиката на „Баклава“ се раѓаше во салата, во срцата, во воздух.
Со воведните композиции, ансамблот се обиде да ја создаде основата на она што стана еден долг, развиен музички пат. Секој тон беше мек, прецизен, создаден со чувства и внимание. И затоа може да се рече дека вечерта започна, не како настап, туку како отворање на душата кон публиката, оти таа не само што го слушаше волшепството, туку и ќе го доживее.
Меѓу молитвата и одразот
Елена Христова не излезе на сцената како изведувач, туку таа се појавува како носител на повеќе гласови, како чувар на приказни кои времето ги раскажува преку луѓето.
Нејзиниот глас носи нешто древно, но и нешто длабоко современо. Еден тон е како шепот од минатото, друг како крик на сегашноста, еден стих ја милува публиката, друг ја буди, и се така, оти секоја песна што ја отпеа таа не беше само композиција, туку повик да се присетиш кој си, од каде си, и што значи да го слушнеш својот корен.
Елементите во разговор на звукот
Кларинетот на Влатко Терзиски се појавуваше како глас на ветерот, онака мек, но присутен, немирен, но сепак контролиран. Во неговите мелодиски линии имаше нешто што потсетуваше на народната бит: долг здив, мирување, па ненадејно, возбудливо движење.
Кавалот и гитарата на Сашо Митев беа две крајности, земја и воздух, што чудесно се спојуваат. Звукот на кавалот како да го носеше воздухот од планините, а гитарата беше топла, земјена, стабилна.
Басот на Владимир Стојчевски беше тивка сила, невидлив столб кој ја држеше вечерта цврсто и на целиот ритуал му даваше енергија, та ти се чини, како да го чувствуваш пулсот на концертот преку таа крвоточна енергија, како да го чувствуваш чекорот на музиката. Сите тие заедно, не беа ансамбл, туку музички космос.
Кога старото станува ново, а новото станува вечно
Кога започнаа обработките на традиционални македонски мотиви, во салата се случи нешто што може да се опише само како заедничка трансформација.
Наеднаш времето престана да биде време, оти во сите тие композиции, минатото не беше зад нас, туку се чувствуваше, и беше околу нас. Сегашноста не беше само момент, таа беше мост, а иднината не беше далечна, туку беше вткаена во звуците кои го продолжуваат животот на традицијата. Со еден збор, таа вечер „Баклава“ не ја реконструира традицијата, туку ја прероди.
Би рекол, оние длабоки, ориентални, балкански модуси, оние длабоко вкоренети во земјата, звучеа моќно, современо и гордо, оти македонскиот јазик се издигаше над секој стих, со силна јаснина која не бараше објаснување.
Кога музиката нè обединува
Како што вечерта навлегуваше во својот зенит, така и композициите стануваа покомплексни, поемотивни, и со побогати слоеви. Во тие минути, никој во салата не беше само слушател, туку како сите да беа дел од истот тој поток од кој се пие чиста, македонска вода.
Дијалозите пак меѓу инструментите создадоа еден вид на звучни екстази, а вокалот ги врзуваше во едно, за да може ритамот да ги подигне над земјата. Сето тоа беше момент кога музиката стана заедничка судбина, кога публиката и музичарите не беа одделни тела, туку едно големо срце што чука во ист ритам.
Тивкото што громогласно зборува
Последните звучни линии, тие прекрасни хармонии не беа крај, туку беа продолжена мисла. Во тишината што следеше, се слушна најсилниот звук на вечерта, звукот на доживеано на нешто вистинско, на нешто ретко, на нешто големо. Публиката беше вознесена. Потребно им беше неколку секунди за да го вратат чувството на простор и време.
Тоа е најголемиот доказ за успехот на една уметничка вечер, да, кога публиката останува во звукот, дури и кога звукот замолкува.
Ноќ што ќе се памети како песна
Концертот на „Баклава“ во Софија беше повеќе од јубилеј, повеќе од музичко случување. Тој беше чин на културна самосвест и доказ дека традицијата дише, дека расте, дека се менува, а сепак останува своја. Се разбира, беше вечер во која музиката ја надмина сцената и стана простор за заедничко постоење.
„Баклава“ покажа дека дваесет години творештво можат да бидат светлина што не се гаси, и продолжува да гори во оние што ја слушаат.
И токму затоа, таа ноќ во Софија нема да остане само како концерт во спомените, туку ќе остане како песна што продолжува да трае во секој што беше таму, како музика што не престанува, како чувство што не може да се избрише, како тивка, неизбришлива магија на македонската душа.
Проф. д-р Зоран Пејковски

Македонски








