
Вечерва во Хераклеја се очекува спектакуларниот настап на ансамблот „10-те бузуки на Домна“ од Грција. Под ѕвезденото небо на Античкиот театар, публиката ќе ужива во уникатен музички спој на традиција, емоција и виртуозност, преку звуците на 10 бузуки, гитара, контрабас и впечатливи вокални изведби како и танцувачка група.
„10-те Бузуки на Домна“ (грчки: Ta 10 Bouzoukia tis Domnas) е познат грчки музички ансамбл специјализиран за изведба на традиционална и современа грчка музика со доминантна улога на бузуки инструментот. Ансамблот е основан од Јанис Карасавас член и основач на ансамблот кој го сочинуваат врвни музичари и виртуози на бузуки, кои преку своите концерти ја претставуваат богатата музичка традиција на Грција. Нивниот репертоар опфаќа rеbetiko, лаико, народни песни од различни региони на Грција, како и современи композиции инспирирани од традиционалните музички форми.
Со настапи на бројни фестивали и културни манифестации во Грција и странство, ансамблот се истакнува по својата енергична интерпретација, виртуозна изведба и автентичен грчки музички израз. Нивните концерти претставуваат музичко патување низ историјата и културата на Грција, пренесувајќи ја атмосферата на грчките острови, градови и традиционални свечености.

Македонски


