
16 МАЈ (ПЕТОК) 20:00 ч.
ЗЕЛЕНАТА ГРАНИЦА
(Zielona granica)
Игран филм, Франција, Белгија, Полска, Чешка
2023, 152 мин., Колор, ДСП
Режисер: Агњешка Холанд (Agnieszka Holland)
Сценарио: Мачеј Писук, Габриела Ларкјевич Сјечко, Агњешка Холанд (Maciej Pisuk, Gabriela Łazarkiewicz-Sieczko, Agnieszka Holland)
Улоги: Џалал Алтавил, Маја Осташевска, Томаж Влосок, Бехи Џанати Атаи (Jalal Altawil, Maja Ostaszewska, Tomasz Wlosok, Behi Djanati Atai)
Во мочуришните шуми кои ја сочинуваат т.н „зелената граница“ меѓу Белорусија и Полска, заробени се бегалци од Блискиот Исток и Африка, кои се обидуваат да стигнат до Европската Унија. Во обид да ја испровоцираат Европа, бегалците се намамени до границата со пропаганда која ветува лесен премин во ЕУ. Како пиони во скриена војна, испреплетени се животите на активистката Јулија, која се откажува од својот удобен живот, младиот граничар Јан и сириското семејство. Преку овие приказни, Холанд создава сложена слика на моралните дилеми и човечките трагедии.
Агњешка Холанд со нејзиниот последен филм ЗЕЛЕНАТА ГРАНИЦА (добитник на Специјалната награда на жирито во Венеција 2023) отвора прашања за хуманоста и одговорноста во време на криза. Таа со сочуство го прикажува дехуманизирачкиот однос кон бегалците на границата меѓу Белорусија и Полска и го критикува европскиот одговор на мигрантската криза. Таа ќе изјави дека филмот е нејзина авторска реакција на чувството на безнадежност, на ужасни слики и сведоштва за злосторствата извршени на границите на Полска, и поконкретно во шумската област што ја дели земјата од Белорусија.
Сценариото, напишано од Холанд, Мачеј Писук и Габриела Лазаркович, како производ на темелно истражување, вклучувајќи интервјуа со бегалците, граничарите и активистите, е бескомпромисно во прикажувањето на суровоста на кризата од физичкото и психичкото страдање на бегалците до моралните конфликти на оние кои се дел од системот. Извонредната црно-бела фотографија на Томек Наумиук, со мрачни, клаустрофобични кадри на шумата, ја нагласува безнадежноста и му дава на филмот квази документарно чувство.
ЗЕЛЕНАТА ГРАНИЦА е еден од најавтентичните филмови за мигрантската криза. Холанд успева емотивно да ја внесе публиката и да ја прикаже емигрантската криза и неуспехот на Европа да се справи со ескалацијата на ксенофобијата и омразата.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари