
Со проекцијата на „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ, вечер во киното Фросина во МКЦ во Скопје ќе биде отворено 24. издание на Фестивал на европски филм Синедејс.
Според организаторите, осумте селекции, повеќе од 60 филмови, кои ја одбележаа тековната европска филмска година и врвна работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинашниот CINEDAYS кој ќе се одржува до 10 декември под слоганот „Се гледаме од другата страна“.
Оваа година публиката не ја водиме на филмско патување туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да и го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на Синедејс.
Фестивалот ќе го отворат филмовите „Тоа беше само несреќа” во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
Ова издание на Синедјес ги носи и “Тајниот агент” на Мендонса Фило, “Домот на младата мајка” на браќата Дарден, и двата номинирани за Златна Палма, “Татко Мајка Сестра Брат” на Џим Џармуш кој е добитник на наградата Златен лав во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ…. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и Македокс ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ, дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24-от CINEDAYS е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција на Дејвид Линч и Македокс.
Жири комисијата во состав Сара Климовска – актерка, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер од Словенија ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите, организаторите најавуваат специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај. Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.

Македонски






