„Пред дождот“ триумфално ја прослави својата Златна гала премиера. Започна со долг и бурен аплауз, се одвиваше пред задумани и расплакани гледачи, заврши со френетични овации и прегласно „браво“ за Манчевски и фантастичниот тим од кој, за жал, многумина заминаа во вечноста, оставајќи неизбришлива уметничка трага зад себе, објави претседател Гордана Сиљановска Давкова на својот фејсбук профил.
Звучи неверојатно, но, дури и по три децении, го гледав филмот со уште поголем интерес од првиот пат. Видов нови бои и слики, ликови и сцени, открив нови заплети, односи и пораки, почувстував поинаква радост и страв, грижа и вознемиреност,.
Ме фрапира актуелноста на приказната според која кругот на насилството никогаш не е затворен, туку постојано демне каде и да сте, небаре ве прогонува. И при раѓањето на филмот и сега сведоци сме на закани, немири и војни, иако кој знае колку пати сме се заколнале „никогаш повеќе“, а сме посегнале или дозволиле крвави конфликти и бесмислени жртви.
Уникатноста на филмот „Пред дождот“ е во тоа што триесет години потоа, не само што уште ве мачат мислите и емоциите разбудени со првото гледање, туку и намножени и продлабочени со степен на болка.Уште еднаш сфатив дека двапати гледав безвременски, вечен филм, во кој сценаристот и режисерот си игра со времето, а не времето со него, па човек не знае дали е минато или сегашност, реалност или имагинација, вистина или фикција, конструкција или деструкција, емоција, разум или безумие.
Едно е неспорно за мене: „Пред дождот“ е ремек- дело, аскетски и спартански устроено, класика со моќна визија и симболика, совршени слики што се нижат и движат во ритмот на потресната музика што ви ги буди и раздвижува чувствата со вулканска сила“, нотира во изјавата.
И по триесет години, „Пред дождот“ останал перфектно уметничко благо, блескав бисер што осветлува мрачни времиња и настани,предизвикува и урива предрасуди, преупредува, осудува, охрабрува, возбудува, убива со убавината на сликата, зборот, мислата, репликата, хуморот, луцидноста!, објави Сиљановска Давкова.