
Селектирањето на македонскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ, кој ќе се натпреварува во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, што ќе се одржи од 12 до 22 февруари, е голем национален успех, беше соопштено денеска на прес-конференција на филмската екипа.
„Перспективи“ е натпреварувачка селекција за дебитантски филмови создадена лани, а годинава 14 филма се во трката за наградата најдобро филмско деби. По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше во 2024 година и во него играат 25 тинејџери.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, на прес-конференција рече дека тоа за сите нив, за цела Македонија, е голем успех.
Ова е национален успех. Многу сме среќни. Ова е голем успех за филмот, за продукцијата, за целата екипа, за Агенцијата за филм и за целата македонска култура и, генерално, за Македонија. Треба сите да се гореме што ќе има дело што ќе ја претстави државата на Берлиналето. Тоа е фантастичен успех. Убеден сум дека филмот нема да заврши со премиера на Берлиналето. Мислам дека филмот добро ќе биде примен и кај нашата публика. Кога ќе заврши со фестивалската промоција, филмот ќе отвори многу голем дијалог со публиката. Што е побитно, тоа ќе отвори големи општествени прашања, институционален дијалог и се надевам дека ќе резонира онаму каде што требало да се направат системски промени – истакна Мицевски.

Македонски




