
На 8 ноември во Кинотека на Македонија во 18 часот ќе се одржи предпремиерна проекција на филмот „Железна тврдина/ македонска филмска работилница“.
Филмска приказна за тоа како по пандемиската изолација, режисерот, Кевин Китон од Остин-Тексас, доаѓа во Демир Хисар (на турски – железна тврдина) задолжен за водење на филмска работилница, наменета за анимација на штитениците на Центарот за рехабилитација при Психијатриската болница.
Финансиската криза и организациските проблеми предизвикани од пандемијата, не го обесхрабруваат Кевин! Заразниот ентузијазам и креативниот дух на учесниците го спасуваат и него и работилницата. Нивната заедничка, филмска, приказна кулминира со церемонијата „демирхисарски оскар“, бришејќи ги патем границите меѓу документарниот филм и “магичниот реализам”.
Најголемиот дел од “филмот” е снимен за време на работилниците одржани во 2021 и 2023 година, со цел да се надминат долгите периоди на пандемска изолација кои ги продлабочуваа здравствените проблеми.
Делумно рекреација на вистински настани, филмот е драматизиран „Making of“ на филмските работилници одржани во Центарот за рехабилитација, ставени во поширока, наративна рамка и филмски осмислена целина.
За разлика од физичкото здравје, менталното здравје и менталната хигиена често се предмет на предрасуди и стигматизација, додека поединците со вакви проблеми се соочуваат со исклучување од општеството и маргинализација. Процесот на ресоцијализација и ре-адаптација по напуштање на здравствената институција е тежок и долг, и човекот како единка не може да се прилагоди самиот, без помош од општеството, здравственот систем и секој од нас поединечно. Од оваа гледна точка, приоритет на филмот е да го подигне нивото на свест за предизвиците поврзани со менталното здравје, воопшто, на начин кој е ненаметлив а често и забавен.
Режија: Митко Панов.
Продукција: Пиреј филм.

Македонски







