Skip to main content

Одржан првиот од двата мастеркласа на „МакеДокс“

Претпладневните викенд-термини на „МакеДокс“ се резервирани за двата мастеркласа, кои годинава се одржуваат во „Лабораториум“.

На првиот мастерклас, што се одржа на 23 август, беа претставени проектите „Солар синема“ и Патувачкото кино на „МакеДокс“, кои имаат сродна мисија во однос на прикажувањето филмови во неформални и амбиентални околности.

Проектот „Солар синема“ го претстави Морин Принс, режисерка, монтажерка и продукциска дизајнерка од Холандија. Кариерата почнала да ја гради снимајќи независни кратки филмови и усовршувајќи се во употребата на филмот како алатка за општествена промена и подигање на свеста. Водена од пасијата да го демократизира киното така што ќе ѝ овозможи пристап на секоја публика, во 2006 година го основа првото „Соларно кино“ во Холандија, подвижно кино кое во целост ја напојува својата опрема само со сончева енергија и така ги носи филмовите во културно најсиромашните области во светот.

Филмовите се направени за да се гледаат“, истакна Морин Принс на мастеркласот во Скопје.

Така, во 2009 година ја основала фондацијата „Солар ворлд синема“ со цел да го рашири концептот во странство и да создаде бесплатно достапен дигитален сет алатки за да инспирира и други да основаат кино на сончева енергија. Денес во светот има 12 вакви кина кои ја формираат Мрежата на соларни кина, а со мрежата се опфатени држави како Холандија, Бразил, Перу, Непал, Чиле и други.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ го претстави Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот. Патувачкото кино оваа година го реализираше своето 16-то издание, посетувајќи го Кочани и приредувајќи проекции на документарни филмови на летната сцена пред Домот на културата. Во изминатите 16 години Патувачкото кино има посетено над 160 помали места низ целата држава, а во рамки на јубилејното 10-то Патувачко кино имаше проекции на филмови и во соседна Албанија.

Покрај проекциите на документарни филмови, идејата на Патувачкото кино е да оствари комуникација со локалното население и на тој начин да се случи размена на искуства со екипата на ‘МакеДокс’“, објасни Набаков.

Вториот мастерклас на 16. „МакеДокс“ ќе се одржи на 24 август, со почеток во 11 часот, во „Лабораториум“ со тематски наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“, а ќе го одржи Хуберт Зауфер.

Во последните три децении, режисерот, снимател и сценарист Хуберт Зауфер има создадено документарни филмови кои стекнаа светско признание и беа повеќекратно наградени на фестивали, како Венецискиот, „Берлинале“, „Санденс“, а филмот „Кошмарот на Дарвин“ беше номиниран за Оскар за најдобар документарец.

Хуберт се обидува да го сведе чинот на создавање документарен филм на обично „ништо“: од крајот на 1990-тите години, во Конго и Танзанија, тој отфрли речиси сè што се смета за неопходно во филмската продукција – без стативи, без вештачко осветлување, дури и без звучен тим. Само минимум опрема: една мала, но висококвалитетна камера и еден одличен микрофон. И неопходното: долги периоди на пишување, размислување, истражување… Време за среќавање, запознавање и она најважното – ликовите. Правењето филм на ваков начин е како пишување поезија или роман, или како доживотно медитирање.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.

Поврзани вести