Skip to main content

На две недели пред почетокот на снимањето на „Пред дождот“ проектот скоро ќе се распаднеше, вели режисерот Милчо Манчевски чиј филм пред 30 години освои Златен лав во Венеција, а вечерва во Филхамонија има гала премиера на реставрирана копија на филмот

Многу ми е драго што со Милчо многу брзо и лесно се читаме. Тој ми додава топка, јас давам гол, мислам дека и јас додавам топка, тој дава гол, така што се гледа резултатот.

Вака битолскиот актер Петар Мирчевски ја опиша соработката со најплодниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски. Мирчевски глумел во сите досега снимени филмови на Манчевски. Пред точно 30 години „Пред дождот“ го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот.

Филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија „Пред дождот“ ќе ја прослави 30-годишнината, вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија со Златна премиера на реставрирана копија. Мирчевски, кој во „Пред дождот“ го играше ликот на Здраве, денеска беше дел од екипата која имаше средба со новинарите пред вечерашната гала премиера.

На средбата со новинарите од екипата дојдоа од Лондон, Париз и Хрватска – актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер – и дел од македонската екипа Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Сузана Киранџиска, Катерина Коцевска, Златко Ориѓански и режисерот Милчо Манчевски.

Јас бев преопкупиран да се направи филмот, затоа што воопшто не беше сигурно дека ќе има филм. На две недели пред почетокот на снимањето, проектот скоро ќе се распаднеше. Не размислував околу тоа дали ќе стигне до едно вакво убаво место. Од друга страна, секогаш верував во тоа што го правам, изјави денеска на средбата со новинарите режисерот Манчевски.

Раде Шербеџија раскажа како се сретнале со Милчо, кој по неколку години го нашол во Лондон во 1992. Му го дал сценарио за „Пред дождот“ во едно кафуле на Сохо. Раде истата ноќ по прочитал двапати и следниот ден, кога пак се сретнале, Милчо го прашал како му се чини.

Му реков, одлично е! Милчо ми рече дека ликот на Александар го пишувал за мене. Го прашав како, кога не ме ни знаеше, а тој ми рече, пa ти си играл во пет филмови на мојот омилен режисер Живојин Павловиќ, те знам“, изјави Шербеџија.

Сајмон Пери, тогашниот директор на Бритиш Скрин изјави во видео порака:

Да те поддржувам и да работам со тебе на овој филм, Милчо, беше за мене како британски продуцент извор на гордост, која не се мери со ништо друго што имам направено. Прекрасно е да се замислат луѓето во публиката, кои не биле ниту родени и сега откриваат колку извонреден беше твојот прв филм; и е; и секогаш ќе биде.

Долгогодишниот соработник на Манчевски и оскаровец, дизајнерот на продукција Дејвид Манс рече:

Филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања. Филмот поставува прашања и изискува од публиката да размислува и да креира сопствено мислење. Живот и смрт, конекции и односи, љубов и јазик, слики и зборови. Брилијантно сценарио, приказна, слики, емотивен пејзаж… Веднаш знаев дека е нешто посебно и посакав да сум дел од целиот процес. Се сеќавам во 2004 година, 10 години по успехот во Венеција, запознав луѓе во Пуља, Италија. Кога им кажав дека сум дизајнер на продукција на „Пред дождот“, спонтано почнаа да цитираат реплики од филмот“.

Актерката Силвија Стојановска чувствува огромна благодарност што имала среќа да биде дел од една безвремена приказна во „Пред дождот“.

Денес по 30 години, филмот се уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. „Пред дождот“ е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија, вели Стојановска.

Кога ми соопштија дека сум ја добила улогата бев пресреќна. По 30 години сè уште ја носам во себе истата радост, што благодарение на Милчо имав мал удел во еден од најдобрите филмови на сите времиња на светот. Не станав славна како Раде, но затоа можам да се пофалам дека сум снимила, речиси љубовна сцена со него… во која ме одби, вели актерката Катерина Коцевска.

За монтажерот Ник Гастер „Пред дождот“ е важен филм на повеќе нивоа.

Сценариото и концептот на Милчо се ремек дело, одлично реализирани преку маестралната актерска игра, дизајнот на продукција, музиката и фотографијата. Ослободување на креативна енергија. За време на снимањето, темата на филмот, ужасот од распаѓањето на прогресивните политичко-идеолошки процеси и повлекувањето во племенското, нешто што е премногу релевантно денес, беше во извонреден контраст со прекрасната хармонична екипа, составена од сите делови на поранешна Југославија и светот. Привилегија е да се биде дел од тимот, кои ми останаа доживотни пријатели., изјави Гастер.

„Денес, „Пред дождот“ ми се чини како сон. Еден мој пријател вели, да, ама тој сон е влезен во нашата колективна меморија… за сите времиња“, вели Златко Ориѓански, еден од композиторите на музиката.

Иако мојата улога беше многу мала, тие неколку денови снимање беа незаборавно искуство, не само поради одличната актерска екипа, која ја одбра Милчо и магичната атмосфера што тој ја создаваше на снимањето, туку и заради неговото визионерско сценарио, кое проговори за проблемите и предрасудите, кои беа присутни во нашава земја, далеку пред да почнат да се заоструваат и продлабочуваат. Среќна сум што бев дел од овој филм на Милчо, кој покрај многуте награди кои ги доби, според New York Times е вброен во 1000 најдобри филмови на сите времиња“, вели актерката Сузана Киранџиска.

Присуството на вечерашната премиера го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен за љубителите на филмот, беа поделени и ограничен број бесплатни билети. Свечен ручек за филмската екипа организираше и британскиот амбасадор Метју Лосон, на кој присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска – Давкова.

Поврзани вести