Skip to main content
Почна зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион

Многу ми беше тешко да бидам и актерка и режисер во овој филм, рече Мирјана Карановиќ по проекцијата на „Мајка Мара“ во Скопје

Зимското издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион се одржува од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината низ целиот регион и онлајн.

Програмата на Зимското издание почна синоќа, со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека од 23 јануари сите филмови ќе бидат достапни преку онлајн платформата on demand.kinomeetingpoint.ba.

Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да погледне шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ, „По летото“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.

Како дел од годинашната програма, публиката ќе има можност да го погледне најдобриот европски документарен филм „Fiume o morte!“ кој неодамна ја доби наградата на Европската филмска академија за најдобар европски документарен филм, како и наградите на Јадранските филмски награди (AFA) за најдобар филм, режија и сценарио.

Во Скопје, како дел од кино програмата, во Синеплекс беше прикажан филмот „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ.

Не ми беше едноставно да ја направам приказната, да се напише сценариото бидејќи се занимавав со внатрешниот свет на една жена кој не е толку прецизно одреден со некое литерарно дело. Се почна од една театарска претстава во која толкував лик на жена која го изгубила синот и ми се допдна нејзината енергија. Долго го барав вистинскиот агол од каде можам да посматрам се она што и се случува на таа жена, а притоа јас да имам некаква врска со тоа. Таа како личност е сосема различна од мене, но она што ни е заеднично е како чувствува жената кога целиот свој живот ќе го вложи во некоја цел и потоа сето тоа го губи. Кога ќе го изгуби она што е врв на нејзиниото животно вложување. Беше емотивно и додека снимавме, рече синоќа пред македонската публика Мирјана Карановиќ и посочи дека овој филм на фестивалите не може да се натпреварува со некои филмови кои се повеќе комерцијални, но дека е среќна дека го снимила филмот.

Истакна дека не се образувала да биде режисер, но во своите филмови сака да ги раскаже приказните од некој агол кој не е чест во кинематографијата.

Овој филм ќе може да се гледа и за 10 години. Тој претставува еден вид исповед. Многу ми беше тешко да бидам и актерка и режисер во овој филм. Јас сакам да бидам актерка никогаш нема да се одречам од тоа. Тоа е мојот живот. Не би можела постојано да бидам режисер иако уживам во тоа. Овие мои филмови се мои авантури. Со театарот сум во брак, а филмовите се мои љубовници – тие се моите вонбрачни врски, рече Карановиќ.

Вучиќ Перовиќ ја толкува главната машка улога во филмот и сподели со присутните дека на снимањето на овој филм секогаш ќе се сеќава бидејќи кога почнал да работи на филмот добил повик од театарот во Белград за постојано вработување.

За кинематограферот Игор Маровиќ доста интересно течело снимањето и изрази задоволство што имал можност да работи со некој голем автор како што е Мирајана Карановиќ.

„Fiume o Morte!“ на Игор Безиновиќ е документарец-драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека. Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот. „Семејна терапија“ (Решение за почетници) во режија на Соња Просенц е психолошка драма која следи едно навидум совршено семејство чија очигледна стабилност е нарушена од доаѓањето на еден млад странец, чие присуство ги разоткрива потиснатите стравови, скриените слабости и длабоко вкоренетите нарушувања во семејните односи. Филмот „Здрави и живи“ од Иван Мариновиќ, приказна за свадба што се случува и покрај одлуката на невестата да се откаже од бракот, ќе додаде горчливо-духовита нота на програмата. Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.

Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Фестивалот на оригинални филмови во Белград, Филмскиот фестивал во Сараево, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Филмскиот фестивал во Загреб, Филмскиот фестивал во Херцег Нови и фестивалот „Браќа Манаки“ од Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.

Од технички причини, филмот „Fiume o morte!“ нема да биде достапен преку онлајн платформата на територијата на Словенија.

Програмата на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион се спроведува со поддршка на потпрограмата MEDIA од програмата Креативна Европа.