Skip to main content

Култниот „Arizona Dream“ на Емир Кустурица вечерва во Кинотека

Во Кинотека на Македонија, вечерва со почеток во 20:00 часот, ќе биде прикажан култниот филм „Arizona Dream“ на Емир Кустурица.

Ескимски ловец патува со санката влечена од кучиња кон неговиот дом со свежо уловена риба. Рибата е своевиден симбол на целиот филм, во физички и имагинарен облик. Во меѓувреме Аксел (игран од Џони Деп), млад њујорчанец опседнат со рибите – ги проучува нивните навики, а најмногу сака да дознае кога и што сонуваат тие – добива порака дека треба да оди на венчавката на неговиот вујко Лио (Џери Луис) во Аризона. Поканата е дел од намерата на вујкото да го воведе Аксел во семејниот бизнис – продажба на автомобили кадилаци. Аксел во Аризона среќава две чудни жени, весели, но невротични, постојано во семејни расправии. Аксел се впушта во врска со едната од нив, додека другата, богата но депресивна, им свири хармоника на нејзините миленици – желките…

АРИЗОНА ДРИМ (или СОНИШТА ВО АРИЗОНА) е обидот на Кустурица да сними американски филм со неговиот „поетски реализам“, кој го одбележа првиот период од неговата кариера. АРИЗОНА ДРИМ ја освои наградата „Сребрена мечка“ на Берлинале и Специјалната награда на жирито, а меѓу останатите успеси на филмот е и „Златната камера 300“ за кинематограферот Вилко Филач на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Музиката во филмот е на Горан Бреговиќ, и тој со неа направи голем пробив на интернационалната сцена. Вокалите и стиховите во неколку песни се на панк-рок иконата Иги Поп (Iggy Pop).

Поврзани вести