
Режисерката на филмот, Косара Митиќ на денешната прес конференција , рече дека филмот „17“ раскажува еден брутален реализам, отвора некои прашања што обично се чуваат зад затворени врата не затоа што се ретки туку затоа што се многу непријатни.
Митиќ истакна дека првиот импулс за да почне да го прави филмот дошол од вистински настан.
Прочитав вест за девојка што отишла на апсолвентска екскурзија и се породила на граничниот премин Табановце во јавен тоалет, го оставила бебето во канта за отпадоци и се вратила назад на патувањето како ништо да не се случило. Кога го прочитав самиот чин дека никој не знаел за тоа дека е бремена, ме вознемири многу повеќе отколку самиот акт. Се запрашав како е тоа возможно. На некој начин тоа не го гледаме како индивидуален неуспех, туку како колективен неуспех. Филмот не се заимава со барање одговори, обвинување, морализирање, туку се занимава со тоа кој е одговорен, односно кои луѓе, институции дозволиле такво нешто да се случи. Во филмот има млади две тинејџерки, кои поминуваат трауми, кои го менуваат животот и тишината околу нив е најбрутална и најнасилна – истакна Митиќ.
Појасни дека тоа главно биле главната инспирација и мотивацијата. Филмот, нагласи, не обработува настан, туку е филм на состојба, пред сè, така што женската перспектива постои, но постојат и подлабоки нешта – како младите жени се опружени со физичко и психичко насилство и како таа тишина околу нив функционира, односно насилството станува колективно и сосема нормално и со каква сила одат тие низ тој молк.
Со актерите се трудевме да нурнеме интимно во карактерите, во животите на главните карактери и тоа го направиме преку нивните интимни животи. Копавме за да стигнеме до нивната тага, нивниот гнев и на тој начин успеавме да дојдеме до главната срж на карактерите и на она што тие го чувствуваат – додаде Митиќ.

Македонски




