Skip to main content
Врачена наградата „Златен објектив“

Кога зборуваме за филмското осветлување во македонската кинематографија, едно име се издигнува како синоним за професионализам, искуство и тишина што зборува преку светлина – Петар Богоевски

Кинотека на Македонија

Во Кинотеката на Македонија денеска беше врачена наградата „Златен објектив“, чиј добитник годинава е Петар Богоевски. Салата на Кинотеката беше исполнета со колеги и соработници на Богоевски, но и помлади љубители на филмската уметност, кои се восхитуваат на неговата работа.

Директорот на Кинотека, Бошко Грујоски му ја врачи наградата на Богоевски и истакна дека преку доделување на „Златен објектив“, меѓу другото, се создаваат критериуми за вреднување на филмовите  во иднина, за идните генерации филмски творци и професионалци.

Ова признание го доделуваме по повод роденденот на Кинотеката. На овој датум, 29 април 1974 година донесен е Законот за основање на Кинотеката. „Златен објектив“ се доделува на филмските професионалци кои со својата работа придонеле за развој на филмската уметност во Македонија. Сметаме дека ова е одлична инвестиција. Велам инцестиција, бидејќи со вреднувањето на минатото, историјата и на луѓето кои учествувале во создавањето на филмската историја кај нас, ние всушност инвестираме на иднината. Создаваме критериуми за вреднување на филмовите во идинина, за идните генерации филмски творци и професионалци. Оваа година „Златниот објектив“ оди во рацете на Петар Богоевски, филмски ветеран и долгогодишен член на Друштвото на филмски работници, рече Грујоски

Според Грујоски, светло-мајстор е професија без која филмот не може да се снима. Тој напомена дека без осветлување и човекот кој манипулира со светлото во кадарот, директорот на фотографија не може да ја реализира режисерската замисла.

Без светлина нема да има фотографија, односно слики, а без слики кои се движат, нема да има филм. Без осветлување и човекот кој манипулира со светлото во кадарот, без неговата умешност, трпение, познавање на сцената, опремата и техниките на осветлувањето, директорот на фотографија не може да ја реализира режисерската замисла, додаде Грујоски.

Оттаму, како што рече, дури и филмските професии кои се навидум помалку експонирани, односно се дел од самиот процес на снимање, а речиси не се дел од постпродукцијата или промоцијата на филмот, се подеднакво важни, неопходни и клучни во создавање на филмското дело.

Речиси и да нема филмски професионалец во нашата држава, со кого Богоевски не работел во неговата 40 годишна кариера. Затоа, можам да кажам дека „Златниот објектив“ денес оди во вистински раце, заслужено, кај ветеранот на македонската кинематографија, додаде Грујоски.

Арсим Лесковица, виш филмолог во Кинотека, се осврна на ликот и делото на Богоевски при што подвлече дека светло-мајсторот е невидлив автор на атмосферата. Него не го гледате во кадар, но го чувствувате во секој кадар.

Денес имаме чест да доделиме признание кое не свети од златото, туку од трудот. Од тивката посветеност. Од сенките што не ги забележуваме, но ги чувствуваме.

Филмот отсекогаш бил уметност на светлината. А таму каде што има светлина, има и некој што знае како да ја води. Некој што знае кога таа светлина треба да падне на лице, кога да се повлече во агол, кога да го извади ликот од мракот – или намерно да го остави таму.

Тој човек е светло-мајсторот, оној што го знае јазикот на рефлекторот, на сенката, на одбиената светлина. Него не го гледате во кадар, но го чувствувате во секој кадар. Тој е невидлив автор на атмосферата.

И кога зборуваме за филмското осветлување во македонската кинематографија, едно име се издигнува како синоним за професионализам, искуство и тишина што зборува преку светлина – Петар Богоевски.

Петар Богоевски е роден во Скопје, на 12.07.1952 година. Завршил средно електро-техничко училиште во родниот град. Средното електро-техничко училиште му ги отвора патиштата, но вистинската светлина ја пронаоѓа и ја создава зад камерите. По кратка работа во Македонската телевизија, како осветлител, од 1976 година му се приклучува на „Вардар Филм“ – и така тој го започнува патувањето што трае со децении.

Неговата филмографија е пребогата, обемна и разновидна, започнувајќи од документарниот „Побрзај, полека“ (1978), „Време, води“ (1980) – еден од темелите на македонската филмска поетика и „Среќна Нова ’49 „Тетовирање“ (1986) – каде светлината станува психолошка топографија. (1991), „Пред дождот“ (1994) – нашето прозорче кон светот. „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), и потоа во зрелоста на својот занает: „Бал кан кан“ (2004), „Илузија“, „Контакт“ (2005), „Тајната книга“ (2006).

Ако почнеме да ги редиме сите филмски и телевизиски дела на кои што тој работел – а ги има повеќе од осумдесет – и ако додадеме само по една реченица за секое од нив… ќе треба да го продолжиме овој настан до утре наутро.

Бидејќи, секој филм во кој работел Петар, носи нешто свое – свој здив, своја светлина, своја сенка.

Неговата работа не е само техничка – таа е и поетска. Зашто само некој што ја чувствува сцената пред да се сними, знае како таа треба да изгледа. Петар стоел зад камерите на некои од најзначајните филмови на нашата кинематографија – не за да биде забележан, туку за да го направи видливо она што режисерот го замислувал, а актерот го носел во очите и на лицето.

Светлината што ја поставувал тој – не ја учевме од книги. Ја паметиме преку емоции.

Актерката Лабина Митевска, во едно интервју дадено за Македонската телевизија во април 2002 година, се сеќава: „Тежината и важноста на осветлувањето ги научив токму од него. Впивав сè што ќе ми кажеше – секој негов совет, секое објаснување. Секогаш ми зборуваше со трпение, прецизност и огромна почит. Никогаш не се наметнуваше, но секогаш знаеше каде точно треба да застанам, каде светлината ќе ми го пренесе чувството најискрено.“

Јорданчо Чевревски (македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и продуцент) ја истакнува неговаа важност во процесот на создавање на едно кинематографско дело: „Тој човек, со својата професија и своите сијалици, со своите гајтани и ламби, исклучително многу допринесува во работата на создавањето на едно кинематографско дело. А при тоа, неговиот однос е таков што навистина е сакан од целата екипа.“

И не само што Петар ја обликува сцената со светлина, туку и влијае на самите изведби на актерите.

Актерката Арна Шијак, сеќавајќи се на работата со Петар на филмот Џипси Меџик, вели: „Во филмот Џипси Меџик, на некој начин, секоја работа нуди можности за растеж – не само физички, туку и духовен. Имав неколку сцени каде ја чувствував помошта од осветлувачот во развојот на мојата улога. Плавкастото светло, кое на некој начин асоцира на студеност, сепак, имаше топлина. Тоа светло ја збогати мојата игра. Дури и гласот звучи поинаку кога се вклучени светлата. Почнуваат да горат образите, како што е светлото – гласен соговорник, кој ви покажува, како со прст, дека, сепак, се работи за нешто волшебно.“

На прашањето за проучувањето на лицето на актерот, особено кога треба да биде снимено во крупен план, кои се ангажманите на мајсторот на светло?

Петар одговара: „Како што има различни луѓе, така и актерите не се исти. Некои актери сакаат да слушаат и ги прифаќаат советите од директорот на фотографија и моите упатства, за да изгледаат онака како што треба на филмот, без разлика на тоа како тие сами се гледаат во кадарот. Особено при крупните планови, каде што секој милиметар на поместување на главата може да направи разлика. Потребно е да се постигне полусенка, сенка или да се фати отсјај на едното око со светло што доаѓа од една страна. Се трудиме да го постигнеме тоа на што полесен начин и да не го ограничуваме актерот во неговото дејствување. Сепак, понекогаш, треба да бидеме милиметарски точни за да го постигнеме посакуваниот ефект на филмското платно.“

Режисерот и професор Владимир Блажевски го надополнува ова разбирање од друг агол – од позицијата на оној кој ја создава визуелната целина и наративната атмосфера: „Осветлувањето – вели тој – создава нешто што е тешко рационално, тешко дефинлива или објаснива атмосфера на филмскиот призор. Сметам дека тоа што е експресија, изразот, некаква силина што го гради филмското во сцените, во добра мера се постигнува благодарение на осветлувањето. Начинот на осветлување е нешто што суштински влијае на конечниот естетски изглед на филмот. Ние не случајно како некакви праслики, архетипски феномени, филмови кои најповеќе ги сакаме, ги памтиме токму по таквото зрачење, некаква атмосфера, осветлување на поедини призори кои што ни остануваат дури потсвесно во сеќавањето. Често забораваме кој кому што рекол, или што е фабуларен елемент во некои филмови кои ни се драги, но тоа што е визуелен впечаток, кој што зависи од тоа дали е филмот контрасно или дифузно, како се сите тие елементи на слика уклопени на визулена експресија; токму тоа е нешто што поцврсто и подолго се памти. Осветлувањето е едно од примарните филмски проблеми, и во размислување за филмот и во филмската практика“.

Признанието „Златен објектив“ не оди само кај човек кој знае како да работи со рефлектори. Таа оди кај човек кој умее со времето, со чувствата, со тишината меѓу два дијалога. Оди кај човек кој над 40 години го обликува просторот помеѓу камерата и глумецот, не оставајќи зад себе бучава – туку блескави траги.

Со ова признание му благодариме за тоа што светлината ја претвори во тивка поезија, а сенката – во сила на приказната.

Петар Богоевски, Ви благодариме што ни го осветливте патот кон филмската уметност и ни го продлабочивте погледот кон суштината на филмскиот кадар, рече Лесковица.

Петар Богоевски е светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

Поврзани вести