
ИФФК „Браќа Манаки“ во соработка со дистрибутерската куќа МЦФ во рамки на проектните активности на Јадранската мрежа на фестивали организира две специјални проекции на „Поплава“- најдобриот анимиран филм оваа година. Публиката ќе може да го види добитникот на Оскар во четврток (29.05.2025) од 18 часот во кино Манаки Битола и во сабота (31.05.2025) година од 18 часот во Кинотека на Македонија.
Филмот имаше две номинации за Оскар (за најдобар странски филм и за најдобра анимација), а го доби Оскарот за најдобар анимиран филм, по кој следуваа наградата на Европската филмска академија и Златен глобус.
Низата награди продолжи и во рамките на Јадранската мрежа на фестивали каде „Поплава“ (Flow) на режисерот Гинтс Зилбалодис, ја освои наградата на публиката за најдобар филм (Adriatic Audience Award). За него гласаа гледачите од сите фестивали членки на мрежата: Сараево филм фестивал (Босна и Херцеговина), Филмски фестивал во Херцег Нови (Црна Гора), Љубљански меѓународен филмски фестивал (Словенија), Фестивал на авторски филм (Белград, Србија), Загреб филм фестивал (Хрватска) и Браќа Манаки (Македонија) што беше одраз на неговата широка прифатеност и влијание во регионот, а признанието беше свечено доделено на 30. издание на Фестивалот на авторски филм во Белград.
– Се чини дека на светот му се ближи крајот, преполн со остатоци од човечкото присуство. Мачката е осамено животно, но бидејќи нејзиниот дом е уништен од голема поплава, наоѓа засолниште на брод населен со различни животински видови со кои ќе мора да се здружи и покрај нивните разлики. Во осамениот брод кој плови низ мистични пејзажи, тие се движат низ предизвиците и опасностите од прилагодувањето на овој нов свет, стои во најавата на официјалниот трејлер на филмот.
Оваа анимација е целосно рендерирана на бесплатниот (open source) софтвер Blender и не содржи никаков дијалог.
Јадранската мрежа на фестивали е иницијатива која обединува водечки филмски фестивали од регионот со цел промоција и достапност на квалитетни филмски содржини до поширока публика. Мрежата е поддржана од потпрограмата MEDIA на Програмата Креативна Европа .