
Британската актерка Хелен Мирен ќе ја добие наградата Сесил Б. ДеМил за извонредни достигнувања во филмот, во јануари 2026 година.
Наградата, која се смета за неофицијален почесен Златен глобус, ќе се надополни со нејзината колекција на признанија што веќе вклучува три Златни глобуси и еден Оскар. Почесната награда ќе ѝ биде доделена на 8 јануари на посебна телевизиска церемонија.
„Мирен се гордее со извонредна кариера што опфаќа повеќе од шест децении во филмот, телевизијата и театарот. Нејзините изведби и посветеност на глумата инспирираа генерации уметници и публика“, соопштија организаторите на Златниот глобус, според dpa.
Наградата ќе ѝ биде доделена три дена пред 83-то доделување на наградите Златен глобус во Беверли Хилс, каде што ќе бидат објавени победниците во 27 филмски и телевизиски категории.
Во својата долга филмска кариера, Мирен ја воодушеви публиката во широк спектар на улоги и жанрови, од историски драми до трилери и комедии. Таа дури имаше улога и во франшизата Fast&Furius заедно со акциони филмски ѕвезди како Вин Дизел и Џејсон Стетам.
Најголемиот успех во кариерата го постигна во 2007 година, кога освои Оскар за најдобра актерка, Златен глобус, наградата БАФТА и бројни други награди за улогата на кралицата Елизабета II во драмата The Queen. Исто така, освои неколку награди Еми, награда Тони и награда Оливие.
Беше номинирана за Златен глобус 17 пати и освои три: во 1997 година за најдобра актерка во телевизиската драма Losing Chase во 2007 година за најдобра актерка во драмата The Queen во режија на Стивен Фрирс и во телевизиската серија Elizabeth I.
Мирен беше прогласена за Дама на Британската империја во 2003 година за нејзиниот придонес во уметноста.
Холивудската ѕвезда Виола Дејвис ја доби наградата Сесил Б. ДеМил минатата година. Наградата се доделува од 1952 година, а меѓу претходните добитници се Џејн Фонда, Мерил Стрип, Барбра Стрејсенд, Том Хенкс, Дензел Вашингтон, Роберт Редфорд и Роберт Де Ниро.

Македонски








