Skip to main content

Францускиот институт во Скопје организира гала филмска вечер со премиера на „Луда љубов“

Во организација на Францускиот институт во Скопје вечерва во кино „Синеплекс – Скопје Сити Мол“ ќе се одржи гала филмска вечер со премиерата на филмот „Луда љубов” (2024) од Жил Лелуш.

Настанот свечено ќе го отворат Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за соработка и култура при Амбасадата на Франција и Марија Апчевска, режисерка.

„Луда љубов” на Жил Лелуш, со Адел Егзаркопулос, Франсоа Сивил и Малори Ванек во главните улоги, е моќна романса која ги следи Жаки и Клотер, двајца млади луѓе од Северна Франција во осумдесетите години, чии животни патишта се испреплетуваат во љубовна приказна што ги надминува сите пречки.

Филмот беше претставен на фестивалот во Кан, во официјалната конкуренција, и досега постигна 5 милиони продадени билети само во Франција, во 2024 година.

За филмот, француските медиуми напишаа: „Моќна романса со неверојатна благост и жанровски мешавина на социјална драма, крими-акција, мелодрама, романтична и музичка комедија. Филмот не смеете да го пропуштите!” (Ле Фигаро)

„Филмот е емотивен, импулсивен и динамичен (…), направен со силен ентузијазам, обземајќи го веднаш срцето на гледачот преку оваа страсна љубовна приказна.”- (Филмзакти).

Поврзани вести